Четири дена откако беше пронајдено телото на жена во распаѓање во атарот на Зрновци, единствената нова информација е дека обдукцијата е завршена. Ова го потврди Александар Станков, директорот на Институтот за судска медицина од Скопје, каде се вршеше обдукцијата. Синоќа при гостување на ТВ Телма, д-р Станков рече дека кога се работи за тела во распаѓање, како што е пронајденото во Зрновци, обдукциите се тешки и мачни, а обдуцентите имаат повеќе задачи.
„Кај тие тела треба да се одреди причината за смрт, доколку има докази, треба да се даде идентификација и да се даде одговор дали таа причина за смрт е насилна или природна, ако може да се одреди и колку време се наоѓало телото на тоа место“, изјави д-р Станков.
Во интерес на истрагата, докторот не сподели повеќе информации. Извештајот и наодите се доставени до Обвинителството.
Од Обвинителството кратко одговорија дека се наредени вештачења, кои треба да дадат одговори на прашањата за идентитетот, како настапила смртта, како се нашло телото таму…
Познато е дека женско тело во распаѓање беше пронајдено од жител на Зрновци во саботата, 21 март во 10.40 часот, во близина на Зрновска река, во местото викано Ѓошевски орев.
Во јавноста, истиот ден кога беше пронајдено телото, беа изнесени информации од разговорите со жителите на Зрновци дека жената е најдена обезглавена и без други делови од телото. Како што дознавме, телото било пронајдено во реон на ниви, веднаш до земјоделски пат и речниот брег. Впечатокот е дека телото е исфрлено и оставено таму, без позначаен напор да се сокрие. Телото е најдено без глава, без една рака и две стапала. Жената била без облека од половина нагоре.
Полициски службеници и доброволци во текот на целиот ден во саботата до стемнување го пребаруваа поширокиот терен. Меѓутоа, како што дознаваме, не се пронајдени деловите од телото што недостасуваат.
Вкупно 22 жени во државата се пријавени за исчезнати. Меѓу имињата, ниту едно не е од Зрновци и пошироката околина. Жителите на селото споделија дека имало вознемиреност меѓу нив по веста за откривањето на телото. Животот во Зрновци полека се враќа во нормала во исчекување на информации, но останува интересот за случајот кој се’ уште е во рана истрага.







