„Крај на една голгота, но здравјето нема да ми се врати“ – Три години затвор за д-р Асани, кој на Веапоска и извади матка, јајник и бубрег

По пет години болка и надеж, крај на една голгота, вели Јилдиз Веапоска од Дебар, на која пред пет години во струшката болница при породување и беа изведени матка, јајник и бубрег. Гинекологот Мухамед Асани при царски рез и извади три органи, по што тргна судски процес,кој денеска заврши со три години затвор и пет години забрана за вршење дејност, а одземена му е и лиценцата за работа од Лекарска комора. Асани имаше приватна ординација,која работеше илегално и по избивање на скандалот беше затворена.

Апелациониот суд во Битола денес на Асани му ја потврди казната, а останатите двајца лекари, а за Биљана Јовановска и неговиот син Блертон Асани, кои од судот во Струга беа ослободени од обвинение, Апелација по жалбата на обвинителството, нивниот случај го врати од почеток. Судењето за нив двајца е закажано на 6 мај.

Веапоска за Канал77 вели дека е здоволна од пресудата, но дека тоа нема да и го врати здравјето и органите.

-Тоа што го направи Асани ништо нема да врати, но излезе правдината. Цело време додека траеше судењето се правдаше дека не е крив. Ама вака се подврди тоа што го направи и дека е крив. За правдата сум задоволна ама тоа нема да ми го врати здравјето и органите. Пет години можеби не звучат многу, сè додека не треба да ги проживееш ден по ден, со болка што не стивнува. Секое утро започнуваше со истото прашање: „Кога конечно ќе заврши ова неправда? Животот продолжил за сите други, но за нашето семејство секој ден беше истата борба. Судници, чекања, одложувања… и повторно од почеток. Секоја нова постапка беше како повторно отворање на стара рана што никогаш не зараснала. И во таа бескрајна борба, надежта ја одржавме само со тивка вера дека вистината еден ден ке излезе на виделина, вели Веапоска и додава:

-Кога конечно дојде крајот чуството е мешавина од олеснување и празнина. Олеснување затоа што неизвесноста конечно завршила. Болка затоа што ништо, апсолутно ништо не може да ги врати изгубените години, изгубеното здравје и изгубените органи! Ова не е само моја приказна за судење. Ова е приказна за човечка издржливост, за болка што не се гледа, за надеж што одбива да згасне. И за едно прашање што останува да виси во воздухот: Дали правдата, кога конечно дојде воопшто е доволна за таква лекарска совест? Затоа што зад секоја лекарска грешка не стојат само факти и докази -туку човечки судбини. И токму тогаш, кога сè ќе заврши, останува нешто што не се гледа во пресудите, а тоа е тишината на оние што преживеале, што носи спомени, болка и прашања без одговор. Некои рани не зараснуват само учиме да живееме со нив, вели Веапоска.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ