Следете ги најновите информации за судењето за пожарот во дискотеката Пулс во блогот на Канал 77:
14:07 – Судењето продолжува на 2 декември, утрешното рочиште се отповикува
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, продолжува на 2 декември. На денешното рочиште присутните законски застапници на оштетените пред Судот изјавија дека се приклучуваат кон кривичен прогон и дека своите права и оштетно побарување ќе ги остваруваат во граѓанска постапка.
Судијката Диана Груевска Илиевска информираше дека утрешното рочиште се отповикува, а на следното рочиште треба да бидат повикани и останатите законски застапници на оштетените за да може и тие да се произнесат. – прочитај повеќе.
12:57 – Судот ги прифаќа приговорите дека обвинението интегрирано со листата на докази не е доставена до обвинетите, денес и утре до сите ќе изврши достава, изјави судијката на рочиштето за „Пулс“ – прочитај повеќе.
12:09 – „Доказната документација е хаотична, го немаме добиено изменетото обвинение, а се очекува да се дадат воведни зборови“, реагира одбраната на судењето за „Пулс“
Судот даде половина час пауза на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени, откако одбраната на дел од обвинетите, пред почетокот на денешното рочиште, реагираше до Судот дека го немаат добиено изменетото обвинение, а од нив се очекува да дадат воведни зборови.
11:00 – Осум месеци живееме во агонија, мора да има правда, обвинителот и судијката ни даваат надеж, вели мајката на загинатиот Томас
Родителите на загинатите и повредените и сега се присутни на рочиштето. Мајката на загинтиот Томас, Јулија Златкова за медиумите рече:
-Се надеваме дека судијката ќе го води случајот како и првиот пат. Таа и обвинителот ни даваат надеж . Повеќе од осум месеци живееме во агонија сега имаме искра надеж од неа и воведниот збор на обвинителот. – прочитај повеќе.
10:35 – „Ве гледаме!“- Герила акција на „Кој е следен?“ пред Кривичен
Денес, пред второто рочиште за случајот поврзан со трагедијата во дискотеката „Пулс”, „Кој е Следен?” изведе симболична акција пред Кривичниот суд. Пред влезот беа поставени десетици „очи” како порака дека јавноста внимателно го следи процесот и дека сите очи се вперени кон институциите кои треба да обезбедат правично, независно и транспарентно судење. – прочитај повеќе.
08:48 – Денеска обвинетите ќе се произнесат дали се чувствуваат виновни
Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. Судењето треба да продолжи со произнесување на вина и воведни зборови на одбраната, откако на изминатото рочиште обвинителството во воведниот говор порача дека се бара одговорност по име и презиме за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата во ноќниот клуб. – прочитај повеќе.
Сите информации од првото рочиште можете да ги видите овде.




