Следете ги најновите информации за судењето за пожарот во дискотеката Пулс во блогот на Канал 77:
14:25 – Семејствата плачеа додека говореше обвинителот – На крајот му дадоа аплауз
Додека обвинителот Борче Јанев го водеше изведувањето на воведните зборови на Обвинителството, во судницата во КПУ Идризово, за време на првото рочиште од судењето за пожарот во дискотеката Пулс, дел од членовите на семејствата на загинатите кои беа присутни како јавност во судницата, плачеа додека го слушаа описот на настанот и серијата причини и постапки кои довеле до него. – прочитај повеќе.
14:10 – Обвинителство: Одговорните за пожарот во Пулс знаеле за ризиците, но избрале молк и профит, ќе докажеме дека никој не се обидел да ја спречи трагедијата
„Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал вода и не ја истурил“, изјави обвинителот Борче Јанев во воведниот збор на денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, нагласувајќи дека катастрофата не е резултат само на пиротехниката, туку на серија институционални пропусти и неодговорност. – прочитај повеќе.
14:00 – Обвинителството започна со воведни зборови во судницата
Со изведување на воведни зборови на Обвинителството, во судницата во КПУ Идризово, попладнево продолжи првото рочиште од судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој живот го загубија 63 лица. – прочитај повеќе.
13:50 – Продолжува судењето за Пулс, одбиено барањето на обвинетите за одложување
Судијката Дијана Груевска Илиевска најави продолжување на судењето за трагедијата во Кочани, откако претходно одбраната на обвинетите побара одлагање на рочиштето. Советот одлучи да се прифати барањето за користење на интегрирана листа на докази по спојувањето на постапките, соопштувајќи дека тоа не го нарушува правото на ниту една страна во процесот. – прочитај повеќе.
13:15 – Непостапување, мито од 226 илјади денари, фалсификати и пропусти – дел од обвинението за Пулс
Портали објавуваат кои се обвинетите за пожарот во дискотеката Пулс и за кои дела. – прочитај повеќе.
13:00 – Родители: „Странскиот мониторинг нè охрабрува во очекувањата за фер и транспарентно судење“
Марија Петрушова, мајка која го изгуби својот син Андреј во пожарот и е дел од Здружението „16-ти Март 2025 Кочани“, на паузата на судењето за Канал 77 изјави дека почетокот им даде доза оптимизам. – прочитај повеќе.
12:34 – Таткото на загинатиот Андреј Стојанов: Со гордост велат дека судењето ќе трае 15-20 години
„Ме чуди со која свест и со кое лице адвокатите на обвинетите ќе се ситат, ќе земат крвави пари и со гордост велат дека ова судско рочиште ќе трае 15-20 години“ – изјави таткото на Андреј, Томче Стојанов. – прочитај повеќе.
12:15 – Адвокатите на обвинетите бараат одложување на рочиштето
Адвокатите на обвинетите побараа одложување на судењето заради новата верзија на обвинителниот акт и изменетата листа на докази. Интегрираното обвинение ги вклучува и предметите против Александар Нацев, а одбраната смета дека треба време за да се запознае со документите пред да се изјасни. – прочитај повеќе.
12:05 – Мајка на судењето донесе кафе од Кочани за душа на покојниот син
Бокал кафе и хартиени чаши пред судницата во Идризово држеше во рака мајка од Кочани која го изгубила својот син во пожарот во дискотеката „Пулс“. Кафето го подели на пузата на судењето на обвинетите за пожарот, како што рече, за душата на нејзиниот син. – прочитај повеќе.
11:15 – Дел од родителите отстранети од судницата
Дел од семејствата беа во судницата како јавност, но поради тоа што се пријавени и како сведоци во текот на понатамошната постапка, судијката побара да бидат отстранети од судницата. – прочитај повеќе.
10:48 – Судот донесе одлука да ги спои постапките за Пулс и за Рубикон
Основниот кривичен суд Скопје на почетокот на денешното судење за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани одлучи постапката за овој предмет да се спои со постапката против сопственикот на „Рубикон“, агенцијата што ја обезбедувала дискотеката „Пулс“. – прочитај повеќе.
10:08 – Судијката Дијана Груевска – Илиевска ги предупреди обвинетите дека неоправданите и намерни одолговлекувања на процесот ќе бидат санкционирани
„Секое одложување мора да биде потврдено, на пример медицински, ако не е веродостојно ќе има казни. Гарантираме дека се ќе биде транспарентно. Имајќи го ова предвид, ве молам, ако можете сами да се организирате, барем да присуствува по еден претставник на семејството на рочиштата. Не можеме да гарантираме брзина, за да не се направат грешки и случајот да пропадне. Никој не знае колку време ќе трае, дали пет месеци или пет години. Ако правиме сè редовно, нема да го одложуваме процесот за да се добие правда, изјави судијката на почетокот на судскиот процес за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. – прочитај повеќе.
09:17 – Родителите со маички со фотографии од своите загинати деца се појавија пред судницата
Траорна е атмосферата во судницата во близина на затворот „Идризово“, каде зво 09:30 часот почнува судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ од Кочани, каде загинаа 63 млади луѓе. Родителите облечени во маички со ликовите на своите починати деца се стиснати во толпата луѓе кои дојдоа на суењето. Многумина од нив стојат, бидејќи нема место за сите да седнат во судницата. – прочитај повеќе.
09:12 – „Ве гледаме!“ – транспарент осамна пред судницата каде ќе започне судењето за Пулс
Движењето „Кој е Следен?“ утрово организираше герила акција пред судницата на КПУ „Идризово“, непосредно пред почетокот на судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“. – прочитај повеќе.
07:32 – Денеска започнува судењето за трагедијата во Пулс
По осум месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска започнува судењето за пожарот што се случи на 16 март годинава и во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. Првото рочиште е закажано за 9:30 часот во судницата на КПУ Идризово, под засилени безбедносни мерки и присуство на медицински тим. – прочитај повеќе.




