За мир на семејствата потрагата по исчезнатиот авион на „Малезија ерлајнс“ од летот MH370 ќе продолжи по десет години

Фото: Јутјуб

Потрагата по остатоците од летот МХ370 на „Малезија ерлајнс“ ќе продолжи на 30 декември, повеќе од една деценија откако авионот исчезна со 239 лица во него, соопштија малезиските власти.

Новата потрага, која ќе трае 55 дена, започна во март, но набрзо беше прекината поради лоши временски услови, пишува Би-Би-Си.

-Најновиот развој на настаните ја нагласува посветеноста на Малезија да им обезбеди мир на семејствата погодени од оваа трагедија – соопшти Министерството за транспорт во среда, според локалните медиуми.

Боинг 777 исчезна во 2014 година додека патуваше од Куала Лумпур до Пекинг, предизвикувајќи ја најголемата потрага во историјата на воздухопловството. Истражувачката компанија „Оушн Инфинити“ ја води тековната потрага по принципот „без пронаоѓање, без надомест“. Ќе добие 70 милиони долари (56 милиони фунти) ако се пронајдат остатоците, изјави претходно министерот за транспорт Локе Сиев Фук.

Претходните обиди вклучуваа мултинационално пребарување во кое учествуваа 60 бродови и 50 авиони од 26 земји, кое заврши во 2017 година, и акцијата „Оушн Инфинити“ во 2018 година, која заврши по три месеци.

Летот МХ370 го изгуби контактот со контролата на летање помалку од еден час по полетувањето на 8 март 2014 година, а радарот покажа дека отстапил од главната рута. Тоа останува една од најголемите мистерии во воздухопловството, која сè уште ги мачи семејствата на патниците. Со текот на годините, многумина повикаа на ново пребарување, истакнувајќи ја нивната борба да најдат мир.

Инцидентот, исто така, поттикна голем број теории на заговор, вклучувајќи шпекулации дека пилотот намерно го соборил авионот или дека бил киднапиран.

Истрагата од 2018 година откри дека контролите на авионот веројатно биле намерно манипулирани за да отстапат од курсот, но не заклучија зошто.

Истражителите во тоа време изјавија дека одговорот може да биде дефинитивен само ако се пронајдат остатоците, пренесува вјести.ба.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ