Скенирањето на фискални сметки преку апликацијата Мој ДДВ, воведена во 2019 година од владата предводена од СДСМ и Зоран Заев беше промовирана како алатка за сузбивање на сивата економија за граѓаните ќе бараат фискални сметки, а со тоа и евиденција на трошокот во системот. Близу седум години подоцна, мерката ја користат 502.000 граѓани, кои пак преку скенираните сметки годишно добиваат 43,5 милиони евра. Овој износ е 4 проценти од наплатата на ДДВ, или половина од целиот месечен приход од ДДВ што го собира државата.
Деновиве апликацијата на Мој ДДВ, особено во викендите тешко функционира, а се’ почесто се слушаат шпекулации дека оваа мерка би можела да се укине, а на ова прашаше синоќа во гостување на ТВ Телма, одговори директорката на УЈП, Елена Петрова. Според неа, не е разговарано за укинување на Мој ДДВ, но факт е дека мерката не ги дала очекуваните резултати бидејќи целта не е постигната – а тоа е целосно елиминирање на нерегистрирањето на готовинскиот промет.
-Не е разговарано и н не можам да кажам дека постои таква одлука или намера за донесе таква одлука, но секако доколку се работи за мерка за која се трошат јавни средства, секако дека треба да се погледне и да се разговара за ефикасноста на мерката и дали ги дава целите заради која била воспоставена, одговори Петрова.
Директорката елаборираше дека оваа мерка кога беше воведена за намалување на сивата економија и секој граѓанин го става во улога на даночен инспектор. Од аспект на податоците, како што рече Петрова, мерката не ги дала посакуваните резултати.
-Ако мерката била воведена против сивата економија, особено во делот да овозможи целосна евиденција на готов промет, тоа што ние го утврдивме преку даночните контроли, е дека нема целосно евидентирање на готовинскиот промет, образложи Петрова, додавајќи дека појавата на неевидентирање на готовински промет е значителна и покажало дека давање на толкави финансиски средства, треба да покаже поголем бенефит.
Како аргумент, директорката на УЈП го наведе податокот дека во просек секое за четврто купување не се издава фискална сметка. Дополнително, инспекторските контроли покажале дека има правни лица кои работат во дејност кои по природата на дејноста треба да имаат фискален уред, воопшто немаат фискален уред.
Дури и да не се земат во предвид илустративните податоци кои ги има во системот на УЈП, дури и најобичниот граѓанин како купувач му е јасно дека особено во помалите градови се избегнува издавањето на фискална сметка. Тоа е состојба не само во толку споменуваните места и региони каде се популаризира мислењето дека „таму инспектор не влегува“ туку и во малите градови од Јужна и Источна Македонија, па дури и во родниот град на директорката на УЈП.
Што се однесува до споменатите технички проблеми со функционирањето на апликацијата Мој ДДВ, како што објасни Петрова, е резултат на целокупната техничка состојба на системот во кој, како што рече не се вложувало со години. Деновиве се инсталира систем, преку кој се очекува сигурно и стабилно функционирање.








