Однесувањето на израелскиот министер за национална безбедност, Бен Гвир што беше насочено против граѓаните кои учествуваа во флотилата „Global Sumud Flotilla“ е неприфатливо и апсолутно за осуда. По наредба на министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис беше упатен демарш во врска со инцидентот, соопштија од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.
Реакцијата на Министерството за надворешни работи на Грција е по видеото, што на платформата Икс го објави вир на кое, веројатно се работи за негова посета на просторот во кој се префрлени активистите, при тоа и им се потсмева додека тие се на земја, со врзани раце и им порачува „Добредојдовте во Израел“, што воедно и насловот на самото видео.
Од грчкото МНР побараа Израел целосно да го почитува меѓународното хуманитарно право и човековите права.
– Ги повикуваме израелските власти брзо да ги завршат сите процедури и итно да ги ослободат грчките државјани, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција.
Меѓу активистите од глобалната флотила „Сумуд“, задржани од израелската војска додека пловеа кон Појасот Газа, се и 19 грчки државјани.
Портпаролката на грчкото МНР Лана Зохиу на денешниот редовен брифинг со новинарите, како што претходно објави МИА, објасни дека Министерството за надворешни работи на Грција упати демарши до израелската страна, со кои бара да се погрижи за безбедноста на грчките државјани и брзо спроведување на предвидените процедури.
Демарш до Израел за флотилата, Грција упати и во понеделникот откако бродовите беа пресретнати од израелската војска.
Новата „флотила за Газа“, со околу 50 бродови, од кои неколку се грчки, минатата седмица исплови од турското пристаниште Мармарис, со цел да се пробие блокадата на Појасот Газа, а активистите од Грција, во понеделникот, преку социјалните мрежи информираа дека неколку бродови биле пресретнати од израелската војска во меѓународните води и уапсени дел од членовите, меѓу кои и грчки државјани. МИА







