Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска изјави дека е згрозен од постапките на израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, кон членовите на хуманитарната флотила, која се обиде да достави помош во Појасот Газа.
Реакцијата следува по вчерашното објавено видео, на кое се гледа како израелски полицајци ги принудуваат активистите од флотилата да клечат со врзани раце зад грбот додека Бен-Гвир ги набљудува и коментира.
„Згрозен сум од постапувањето на израелскиот министер Бен-Гвир кон членовите на флотилата. Таквото однесување е целосно неприфатливо. Повикуваме на нивно итно ослободување“, напиша Кошта во објава на социјалната мрежа „Икс“.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, уште претходниот ден упати остри критики до десничарскиот израелски министер оценувајќи го неговото однесување како „понижувачко и погрешно“. Таа додаде дека таквиот третман кон активистите на флотилата „Глобал сумуд“ (Global Sumud), меѓу кои има и државјани на ЕУ, не му прилега на никој кој извршува функција во една демократија.
Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, соопшти дека го повикал израелскиот вршител на должности во Варшава поради приведувањето на активистите, меѓу кои има и полски државјани, барајќи нивно ослободување и извинување. Полска најостро го осуди ваквиот чин на израелските власти.
Шпанскиот премиер Педро Санчез исто така порача дека снимките се неприфатливи и нагласи дека Мадрид нема да толерира малтретирање на своите граѓани. Санчез најави дека неговата влада ќе инсистира забраната за влез на Бен-Гвир во Шпанија итно да се прошири на ниво на целата Европска Унија. Околу 44 шпански активисти приведени во Израел се очекува денеска да се вратат во својата земја.
Бродовите на хуманитарната флотила, која исплови од јужна Турција во обид да достави помош до воено разорената Газа по долгата поморска рута која ги заобиколува вообичаените зони на конфликт во близина на Ормуската Теснина, беа пресретнати од израелските сили во меѓународни води во вторникот, по што беа спроведени до израелско пристаниште. МИА







