Од село до гинеколог: Сиромаштијата го зголемува ризикот за женското здравје

За жена од рурална средина, гинеколошкиот преглед може да значи патување, трошок и изгубен работен ден. Кога на тоа ќе се додадат недостигот на лекари, незаконските наплаќања и неинформираноста, правото на здравствена заштита не значи секогаш и реален пристап до неа.
Фото: Амина Филкинс
Фото: Амина Филкинс
  • Во десетици општини нема матичен гинеколог со договор со ФЗОМ
  • Истражувања покажуваат сериозни финансиски и географски пречки за жените
  • Недостапноста, сиромаштијата и ограничениот избор можат да создадат поголем ризик

Гинеколошката здравствена заштита за дел од жените во руралните средини започнува со проблем кој нема директна врска со медицината – како воопшто да стигнат до лекар.

Патувањето во друг град носи трошоци, губење време и зависност од други лица.

Слушајте го Канал 77 во живо онлајн!

Гинекологот често е во друг град

Според анализата „Унапредување на превентивната здравствена заштита за ранливите групи“ на ХЕРА, ЕСЕ, Заедно Посилни и Иницијативата на жени од Шуто Оризари од 2024 година, во 41 општина во државата нема ниту еден гинеколог.

„За многу жени, особено во руралните средини, еден превентивен преглед не е само прашање на закажување термин. Тој подразбира патување во друг град, дополнителни трошоци за превоз и изгубен работен ден. За многу жени тоа е доволна причина прегледот да го одложат, сè додека не се појави здравствен проблем“, велат од ХЕРА.

Од ХЕРА посочуваат дека последиците се пошироки од самата организација на прегледот. Недостигот на гинеколози го ограничува пристапот до скрининг за рак на грлото на матката, навремено откривање заболувања, советување и други услуги поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје.

Истото го покажува и истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ меѓу руралното население од 2022 година. 27 отсто од жените не посетиле матичен гинеколог иако имале потреба, а половина од нив како причина ја навеле предалечната ординација. Дополнителни 32 отсто рекле дека финансиски не можеле да си ја дозволат посетата.

27 отсто од жените не посетиле матичен гинеколог иако имале потреба

„Жените често зависат од сопруг, член на семејството или друго лице за да стигнат до гинеколог, што ја ограничува нивната можност самостојно и навремено да побараат здравствена заштита“, велат од ЕСЕ.

За жена со ниски приходи, трошокот не е само цената на прегледот.

„Комбинацијата од трошоци за патување, изгубено време и незаконско наплаќање на услугите може да биде причина посетата да се одложи или целосно да се избегне“, предупредуваат од ЕСЕ.

Кога сиромаштијата го турка здравјето на последно место

Од ХЕРА директно потврдуваат дека финансиската состојба влијае врз редовноста на превентивните прегледи.

„Иако дел од превентивните услуги се бесплатни, сиромаштијата создава дополнителни трошоци кои за многу жени претставуваат сериозна пречка“, велат од организацијата. За жената која живее во рурална средина или има ниски приходи, прегледот често значи патување, превоз и изгубен работен ден.

Според ХЕРА, поради тоа дел од жените ги ставаат сопствените здравствени потреби на последно место и бараат лекарска помош дури кога ќе се појават симптоми.

Од Здружение ЕСЕ велат дека кога една третина од жените во руралните средини не можат да посетат гинеколог поради недостиг на пари, здравствената заштита престанува да биде право и станува привилегија.

„Дури 32% од жените навеле дека финансиската неможност е причината поради која не посетиле матичен гинеколог и тогаш кога имале здравствен проблем. Сиромаштијата не смее да биде причина жените да ја одложуваат или целосно да се откажуваат од потребната здравствена грижа“ изјавуваат од ЕСЕ.

Проблемот не се однесува само на гинеколошкиот преглед.

„Пристапот до сексуалното и репродуктивното здравје не подразбира само можност да се направи гинеколошки преглед. Тој вклучува и советување, скрининг, тестирања и пристап до современа контрацепција“, велат од ХЕРА, додавајќи дека дел од овие услуги и производи сè уште се плаќаат од сопствен џеб.

Бесплатно на хартија, платено во ординација

Еден од најсериозните проблеми што го регистрира ЕСЕ се однесува на наплатата на услуги кои според правилата треба да бидат бесплатни.

„Истражувањето на Здружение ЕСЕ спроведено меѓу руралното население во 2022 година покажа дека дури 94 % од жените кои посетиле матичен гинеколог во претходните 12 месеци платиле за најмалку една здравствена услуга која, согласно подзаконските акти на Фондот за здравствено осигурување, треба да биде бесплатна“, наведуваат од ЕСЕ.

На 33 отсто од жените им бил наплатен гинеколошки преглед, на 24 отсто ПАП-брис, а на 17 отсто ЕХО-преглед надвор од бременост.

Извор: Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ

Во истражувањето од 2025 година насловено како „„Снаоѓање“ или корупција? Неформални плаќања, врски и подароци во здравствениот систем“ жените во фокус-групите повторно зборувале за наплаќање услуги, различни износи за иста услуга и отсуство на фискални сметки.

„Одредени матични гинеколози им наплаќаат речиси за секоја услуга, дека за иста услуга при различни посети им се бара различен износ, како и дека за наплатените услуги речиси никогаш не добиваат фискална сметка“, се наведува во одговорот на ЕСЕ.

Жените посочиле и упатување на бремени жени на скапи антенатални тестови кои се плаќаат приватно, вклучително и во случаи кога претходните испитувања во бременоста биле уредни.

Според истражувањето на ЕСЕ од 2025 година, 25,3 отсто од жените пријавиле коруптивно искуство при користење гинеколошко-акушерска здравствена заштита.

Сепак, ЕСЕ не тврди дека недостигот на гинеколози сам по себе предизвикува корупција.

„Не можеме да тврдиме дека нашите истражувања утврдиле директна причинско-последична врска меѓу недостигот на гинеколози или географската недостапност и корупцијата“, велат од здружението.

Но, според нив, факторите заедно создаваат услови во кои ризикот е поголем.

„Оддалеченоста и недостигот на здравствен кадар не создаваат корупција сами по себе, но создаваат средина во која ризикот од неформални плаќања, посредување и други неформални практики е поголем, затоа што пациентката има ограничен избор и е во позависна позиција во однос на давателот на здравствената услуга“, велат од ЕСЕ.

43 општини без матичен гинеколог со договор со ФЗОМ

Официјалните податоци на Фондот за здравствено осигурување покажуваат дека проблемот со достапноста е широко распространет.

Извор: Фонд за здравствено осигурување

„Во моментов, 178 матични гинеколози имаат активен договор со Фондот за здравствено осигурување“, информираат од ФЗОМ.

Но, според евиденцијата на Фондот, во 43 општини нема матичен гинеколог со активен договор со ФЗОМ.

Фондот располага и со податок дека речиси една третина од девојчињата и жените над 12 години немаат избрано матичен гинеколог.

„Во моментот, вкупниот број на осигурени жени изнесува 924.927. Од нив, 814.927 се жени на возраст над 12 години кои, согласно законските прописи, имаат право да изберат матичен гинеколог. Од оваа категорија, 264.605 осигурени жени во моментот немаат избрано матичен гинеколог“, наведуваат од ФЗОМ.

Но, институционалната слика има и значајна празнина.

На прашањето дали ФЗОМ има анализи за разликите во користењето на гинеколошките услуги меѓу урбаните и руралните средини, од Фондот одговараат:

„Фондот за здравствено осигурување не изработува компаративни анализи за користењето на гинеколошките услуги помеѓу урбаните и руралните средини.“

Тоа значи дека постојат официјални податоци за бројот на гинеколози, општините без гинеколог и жените без избран гинеколог, но не и редовна анализа која покажува дали жените од руралните средини ги користат овие услуги поретко од жените во урбаните средини.

Тука се појавува и негативниот тренд. Во претходно споменатата анализа од 2024 година на ХЕРА, ЕСЕ, Заедно посилни и Иницијативата на жени од Шуто Оризари, се наведува за 41 општина без гинеколог, додека ФЗОМ сега, во 2026, евидентира 43 општини без матичен гинеколог со активен договор, што значи дека за две години уште 2 општини дополнително останале без матичен гинеколог.

Кога ограничениот избор станува ризик

ЕСЕ предупредува дека ограничениот број лекари ја намалува и можноста пациентката да го промени лекарот.

„Жената од урбана средина, каде што има поголем број гинеколози, полесно може да избере друг лекар доколку е незадоволна или од неа се бара незаконско плаќање. Жената од рурална средина често ја нема таа можност“, велат од ЕСЕ.

Истражувањето на ЕСЕ од 2025 година покажало дека 7 отсто од жителите на руралните средини изјавиле дека понудиле корупција за да обезбедат здравствена услуга, наспроти 2,3 отсто во урбаните средини.

Истовремено, 8,2 отсто од руралното население изјавиле дека од нив била побарана корупција, наспроти 5,4 отсто од урбаното.

Од ЕСЕ нагласуваат дека овие податоци не докажуваат директна причинско-последична врска, но укажуваат на поголема ранливост таму каде што пристапот до услугите е ограничен.

Кога недостапноста може да стане дискриминација?

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација прави важна разлика: фактот што во одредена општина нема гинеколог сам по себе не значи автоматски дискриминација.

„Недостапноста на определена здравствена услуга во одреден регион или општина сама по себе не значи автоматски дека постои дискриминација“, велат од Комисијата за заштита и спречување од дискриминација. Но, според комисијата, ситуацијата може да доведе до дискриминација доколку навидум неутрална политика, практика или организација на здравствените услуги одредена група ја става во понеповолна положба.

При тоа, треба да се гледаат реалните последици.

„Потребно е да се анализираат реалните последици од недостапноста: колкава е оддалеченоста до најблиската здравствена установа, дали постои јавен превоз, колкави дополнителни трошоци има пациентот, дали услугата е навремено достапна и дали ваквата состојба несразмерно погодува определена група“, објаснуваат од КСЗД.

Комисија за спречување и заштита од дискриминација
Комисија за спречување и заштита од дискриминација

Од Комисијата особено нагласуваат:

„Формалното постоење на право на пристап до здравствените услуги не е доволно доколку жената фактички не може да ја користи услугата поради нејзината географска, финансиска или друго ограничување.“

КСЗД досега примила 31 претставка во кои граѓаните сметале дека биле дискриминирани во областа на здравствената заштита и здравственото осигурување. Од нив, 11 се однесуваат на жени.

Во десет случаи Комисијата утврдила дискриминација во здравствената заштита и здравственото осигурување, а во седум од нив била утврдена продолжена дискриминација.

Жените Ромки: кога се наталожуваат повеќе ризици

Посебен пример се жените Ромки.

„Жените Ромки се меѓу најранливите групи кога станува збор за пристапот до сексуалното и репродуктивното здравје, затоа што истовремено се соочуваат со повеќе пречки“, велат од ХЕРА.

Извор: Здружение ЕСЕ
Извор: Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ

Од организацијата на терен среќаваат жени кои не одат редовно на гинеколог затоа што немаат гинеколог во близина, немаат средства за превоз или претходно доживеале дискриминација во здравствените установи.

Според Здружението ЕСЕ, жените Ромки се соочуваат со повеќекратни и меѓусебно поврзани бариери во пристапот до гинеколошка здравствена заштита, како што се сиромаштија, маргинализација, недоволна информираност за нивните права, но и практики на наплата на услуги кои треба да бидат бесплатни.

„Загрижува што 42% од жените Ромки немаат избрано матичен гинеколог, а повеќе од една третина не посетиле гинеколог дури и кога имале здравствен проблем. Особено алармантен е нискиот опфат со превентивни прегледи – само 17,3% биле на превентивен гинеколошки преглед во изминатата година. Овие податоци покажуваат дека за многу жени Ромки здравствената заштита сè уште не е навремено и еднакво достапно право, туку услуга до која стигнуваат дури кога здравствениот проблем веќе се појавил“, потенцираат од ЕСЕ.

КСЗД има и конкретен предмет поврзан со оваа група.

„Комисијата нема примено претставки непосредно поднесени од жени Ромки кои се однесуваат на пристапот до здравствени услуги, но има примено три претставки од здруженија за потенцијална дискриминација врз жените Ромки“, наведуваат од Комисијата.

Во еден предмет од 2022 година КСЗД утврдила директна, продолжена интерсекциска дискриминација по основ на пол, раса, припадност на маргинализирана група, етничка припадност и социјално потекло кон жените Ромки од Шуто Оризари, со последица нееднаков пристап до здравствена заштита.

Токму овој пример покажува дека ранливоста не секогаш произлегува од еден фактор. Сиромаштијата, местото на живеење, етничката припадност и дискриминацијата можат да се надоврзат една на друга.

А каде се пријавите?

И покрај сите овие наоди, кај Народниот правобранител во последните две години нема претставки конкретно за жени со проблеми во пристапот до здравствена заштита, ниту предмет отворен по допрен глас за таков проблем.

Од Народниот правобранител посочуваат дека постои неинформираност кај дел од населението, особено во руралните средини.

Канцеларијата има шест подрачни канцеларии – во Кичево, Тетово, Битола, Штип, Куманово и Струмица – но тие се лоцирани во поголеми градови.

Отсуството на претставки, сепак, не мора да значи дека нема проблем.

„Непријавувањето може да биде резултат на недоволна информираност за механизмите за заштита, недоверба во институциите, страв од последици, како и фактот дека лицата не секогаш го препознаваат нееднаквиот третман и дискриминација“, велат од КСЗД.

Особено е значајно што во случајот со жените Ромки претставките до КСЗД не биле поднесени директно од самите жени, туку од здруженија.

Кога услугата ќе дојде до жената

Дека проблемот може да се промени кога услугата ќе стане физички достапна покажува искуството на ХЕРА со мобилната гинеколошка амбуланта.

„Наместо жените да патуваат до здравствената услуга, ние ја носиме услугата до нивната заедница. Преку мобилната амбуланта обезбедуваме бесплатни гинеколошки прегледи, советување и информации за сексуалното и репродуктивното здравје во средини каде што овие услуги се тешко достапни“, велат од ХЕРА.

На терен, велат од организацијата, често среќаваат жени во четириесеттите и педесеттите години кои последниот гинеколошки преглед го направиле за време на последната бременост или породување.

„Тоа најдобро покажува колку долго дел од жените остануваат без превентивна здравствена заштита, не затоа што не се грижат за своето здравје, туку затоа што услугите не им се достапни“, велат од ХЕРА.

Од организацијата велат дека одѕивот на мобилната амбуланта е голем, што според нив укажува дека проблемот не е во недостигот на интерес, туку во недоволната достапност.

Во нивната работа на терен, минатата година кај две жени преку прегледите во мобилната амбуланта биле откриени промени кои потоа биле потврдени како рак.

„Иако Министерството за здравство секоја година предвидува мобилна гинеколошка амбуланта за жените од руралните средини и ранливите групи, нејзиниот реален опфат останува многу мал во однос на потребите. Во 2023 година биле прегледани 508 жени, во 2024 година 765, а во 2025 година 559 жени. Ограниченото финансирање и краткиот период во кој амбулантата е активна значат дека оваа важна услуга не стигнува до доволен број жени. За да има вистински ефект, мобилната гинеколошка амбуланта треба да биде подостапна, почесто присутна на терен и со значително поголем опфат“, велат од ЕСЕ.

Што може да го промени системот?

И граѓанскиот сектор и КСЗД укажуваат дека решението не е само во отворање нови ординации, туку во систем што ќе обезбеди услугата навистина да стигне до жените.

Од ЕСЕ бараат подобра територијална распределба на матичните гинеколози, финансиски и професионални стимули за работа во рурални и недоволно покриени општини, како и мобилни и теренски гинеколошки услуги.

„Неопходна е редовна и доследна контрола на наплаќањето кај матичните гинеколози, со цел надминување на негативните практики кај одредени матични гинеколози за наплаќање на услугите кои се бесплатни за пациентките“, велат од ЕСЕ.

Од ХЕРА, пак, бараат мобилните гинеколошки амбуланти да не зависат само од проекти.

„Мобилните здравствени услуги не треба да зависат од проектно финансирање, туку да бидат системски обезбедени како редовна здравствена услуга“, велат од организацијата.

КСЗД предлага подобра територијална распределба на гинеколошките услуги, мобилни тимови, организиран или субвенциониран превоз, здравствени медијатори и теренско информирање.

„Еднаквиот третман не значи секогаш идентичен третман“, велат од Комисијата, посочувајќи дека за групите кои се во фактички понеповолна положба може да бидат потребни целно насочени политики и афирмативни мерки.

Правото постои, но дали е достапно?

На крајот, проблемот не е само дали жената има право на гинеколошка здравствена заштита.

Прашањето е дали таа реално може да стигне до гинеколог, дали може да го плати патувањето, дали ќе го добие прегледот навреме, дали ќе плати нешто што треба да биде бесплатно и, доколку ѝ биде повредено правото, дали знае каде да се обрати.

Од ФЗОМ имаме бројка од 264.605 жени над 12 години без избран матичен гинеколог. Во 43 општини нема матичен гинеколог со активен договор со Фондот.

ХЕРА од терен гледа жени кои со години не одат на превентивен преглед затоа што услугата е далеку. ЕСЕ регистрира незаконски наплаќања и коруптивни искуства, а КСЗД предупредува дека фактичката недостапност може да биде основа за дискриминација доколку одредена група е ставена во понеповолна положба.

Народниот правобранител, пак, предупредува на недоволната информираност на дел од населението, што може да објасни зошто проблемите не се претвораат секогаш во формални претставки.

Затоа ризикот не произлегува од еден фактор.

Тој се создава кога местото на живеење, сиромаштијата, полот, ограничениот избор на здравствени услуги и недоволната информираност ќе се спојат.

Тогаш гинеколошкиот преглед не е само медицинско прашање.

Тој станува прашање на достапност, пари, еднаквост, достоинство и основното човеково право на здравствена заштита.

Автор: Мартин Каровски

Оваа сторија е изработена со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (Agence française de développement) преку Expertise France како дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ кој го спроведува Здружение ЕСЕ. Содржината на оваа сторија е исклучива одговорност на Радио МОФ и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Expertise France или на Француската агенција за развој (Agence française de développement).

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ