- Двајца бизнисмени од Делчево и од Ново Село, Струмица: Венцо Димитровски и Драган Ѓоргиев, поднесоа иницијатива за пренамена на пет парцели од земјоделско земјиште во градежно
- Исходот е познат и коментиран во јавноста и сите советници од ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ЗНАМ гласаа против и ја отфрлија иницијативата
- Дали некој, вклучително и тие од власта се интересирале каков живот имаат пехчевчани, таму на крајот од државата, на само неколку километри од Европа?
Во Пекинг, Кина денеска завршуваат Светските игри на хуманоидни роботи, на кои 2.056 роботи од 666 тима кои се натпреваруваат во 51 дисциплина. Овогодинешните игри ќе останат запаметени по тоа што два роботи го соборија светскиот рекорд на Јусеин Болт на 100 метри трчање, а рекорд е поставен и во скок во височина во стоечка положба, кој е 43 сантиметри повисок од светскиот рекорд за луѓе.
Двајца бизнисмени во игра за дата центарот
Додека роботите поставуваа рекорди, на другата страна од светот, во наше Пехчево се водеше расправа дали меѓу селата Црник и Панчарево да биде местото на првиот голем центар за податоци (дата центар). Двајца бизнисмени од Делчево и од Ново Село, Струмица – Венцо Димитровски и Драган Ѓоргиев, поднесоа иницијатива за пренамена на пет парцели од земјоделско земјиште во градежно. Откако иницијативата крена голема врева и буквално го подели народот на „за“ и „против“ изградбата на дата центар во пехчевско, на самиот почеток од седницата на Советот на општина Пехчево, градоначалникот Александар Китански, кој ја поднел, побарал да се тргне од дневниот ред.
Слушајте радио во живо
При гласањето е направен политички маневар и неговите сопартијци од ВМРО ДПМНЕ го поддржале, но нивните гласови не биле доволни да се тргне иницијативата од дневен ред. Оваа наелектризирана атмосфера на седницата, од нога во кабинетот на градоначалникот, каде се одржуваат седниците на Советот, ја следеа жители на засегнатите села – Црник и Пехчево. На граѓаните отпрвин не им била дадена можност да зборуваат, но по интервенција на опозициските советници, им е дадено право на збор. Граѓаните биле живо заинтересирани за последиците по животната средина од изградбата на еден ваков објект и потенцијалната засегнатост на нивните домови и животни услови. Градоначалникот Китански рекол дека поднесената иницијатива е почеток на процес и по усвојувањето на одлуката за пренамена на земјиштето следи постапка на јавна расправа и други процедури за кои би биле информирани.
Прочитајте и за ова:
Советник од опозициската СДСМ прашал дали градоначалникот Китански е подготвен да распише локален референдум и да ги праша граѓаните дали се за изградба на дата центри во општината, на што тој рекол дека во овој момент не може да даде одговор.
На крај исходот е познат и коментиран во јановноста. Сите советници од ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ЗНАМ гласаа против и ја отфрлија иницијативата.
Надвор од партиските реакции и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека „дата центрите се новата нафта“, индикативни се поделбите на мислења во јавниот простор. Некои им честитаат на советниците од Пехчево за храбрата одлука, други ги испраќаат во странство да бараат работа. Полемиките одат до таму што противниците на иницијативата се нарекуваат неинформирани, па дури и „заостанати“, луѓе кои не разбираат и дека потпаднале под партиски директиви.
Живот во Пехчево на неколку километри до Европа
Меѓутоа, надвор од овие расправи на луѓе кои можеби никогаш не биле во Пехчево, прашањето е дали некој, вклучително и тие од власта се интересирале каков живот имаат пехчевчани, таму на крајот од државата, на само неколку километри од Европа?
На пример, дали знаат дека неодамна беше затворена последната банкарска експозитура, па луѓето мора да патуваат со соседните Берово и Делчево ако сакаат да завршат работа во банка? Жителите на Пехчево со кои разговаравме, сведочат дека често се случува малкуте банкомати да останат беа банкноти поради нередовното сервисирање, па има денови кога не можат да дојдат до сопствените пари.
Во Здравствениот дом речиси и да нема специјалисти. Во Пехчево останал да работи интернист и рендгенолог. За се’ друго мора пак до Делчево или подалеку – Штип или Скопје. Се прават само основните лабораториски анализи, а за тие посложените, пак се бара помош кај соседите. Со каков квалитет на живот може да се пофали овој мал град, кој треба да стане центар на развиената македонска дигитална мрежа?
Нафтата на новиот век
Што би рекол еден од силните коментатори на социјалните мрежи – прво жителите да добијат квалитетни системи на водоснабдување и канализациони мрежи, стабилен интернет, градинки и училишта без азбестни покриви, па потоа да зборуваме за „нафтата на новиот век“.
Пехчево сепак отвори врата за дата центри. На истата таа седница, каде беше отфрлена иницијативата на двајцата бизнисмени за пренамена на земјиштето, едногласно беше прифатена измена на општинската Програма за уредување на градежното земјиште во делот каде што се дефинирани комуналиите мора да се вметне и новата категорија за „градби за чување и складирање на енергија“. Ова задолжение произлегува со итните измени на Законот за уредување на градежното земјиште предложени од Министерството за транспорт и врски и промената е задолжителна за сите општини во Македонија.





