- Веќе имаме датацентри – затоа кој ќе ги користи?
- Кој ќе го има правото на податоците?
- Ако се работи за странска компанија сопственик на датацентар – кој ќе ги има податоците на нашите граѓани?
Изградбата на нов датацентар не значи само изградба на објект со сервери. Зад него стојат милионски инвестиции, скапа опрема, струја, ладење, безбедност, луѓе кои ќе го одржуваат, но и корисници кои ќе ги користат неговите услуги. Затоа, пред да се потрошат големи јавни средства, треба да се одговори на едно едноставно прашање: што точно ќе добијат државата и граѓаните од новиот датацентар?
Слушајте радио во живо
Овие прашања и аспекти ги отвора Божидар Спировски, експерт по сајбер безбедност, со што дава придонес во крајно поларизирачката дебата што главно се води на социјални медиуми за тоа – дали ни требаат центри за податоци. Спировски вели дека не е против изградба на нов датацентар, туку против изградба на датацентар кој ќе биде малку искористен, а во него ќе се инвестира огромна сума на пари и потоа ќе биде оставен пополека да замира.
Во продолжение неговите размислувања:
Не е само хардвер: Податоците се корисни само ако се во форма од која може да се извлече информација. Тоа значи бази на податоци, email сервиси, фајл системи, апликативни сервери. Наеднаш датацентарот не е куп хардвер, струја, ладење и ПП системи, туку цела серија апликативни платформи. Дали е предвидено овие платформи да се постават како дел од функциите и услугите?
Флексибилно управување: Дури и секој корисник сам да си ги поставува решенијата, датацентарот мора да обезбеди платформа за менаџирање на закупените системи и да ГАРАНТИРА дека нема преклопување на пристап – ни на ниво на корисници, ни на процеси, ни на апликации. Датацентарот мора да понуди флексибилини и различни нивоа на изолација, не само виртуелни машини или цели сервери, некој ќе сака да комбинира од овие два типа на изолација, некој ќе сака комбинација па дури и техники како serverless. Мрежата мора да гарантира поврзување и изолација од други корисници независно колку е комплексна комбинацијата на изолација и сервиси на корисниците.
Трошоци за лиценци: Голем дел од апликативните платформи некој ги лиценцира. Не, не е сѐ базирано на open source, далеку од тоа. Кога ќе се преселат овие платформи во сервери на новиот датацентар може да се променат процесори или активна меморија или некоја друга метрика по која се лиценцира софтверот. Oracle, Microsoft, Broadcom, сите имаат такви лиценцни модели, и миграцијата наеднаш може да ја смени цената.
Прочитајте и за ова:
Пехчево можеби нема банка и стабилен интернет, ама е интересно за дата центри
Прочитајте го и ова:
Напредни функции во датацентарот: Покрај основните инфраструктурни или платформски сервиси, големите датацентри нудат и едно множество на услуги кои денес се скоро суштински – како системи за безбедно и контролирано управување со енкрипциски клучеви, системи за менаџирање со тајни параметри кои се инјектираат во меморија на компјутерот, автоматски детекции и заштити и високо ниво на мониторинг на статусот на секоја компонента за бизнисот да знае кој е статусот на неговите услуги.
Каде се податоците, а каде правно оперира компанијата: Ако објектот го гради и оперира странска фирма, податоците се во Македонија а јурисдикцијата е можеби не е. Прашањето е и каде е серверот, ама и кој има администраторски права и пред чиј правен систем и агенции одговараат.Disaster Recovery: Суверенитетот мора да се изевде со соодветно ниво на достапност и отпорност на испади. Ако системите ги ставиме во еден датацентар а тој испадне (да, тоа секако може да се случи и се случувало многу пати) тоа значи дека едно чудо национални системи и бизниси ќе бидат испаднати. Естонија оди во спротивна насока: репликација на критичните регистри во Луксембург, со дипломатски статус. Нивната отпорност е обезбедена со тоа што податоците ги НЕМА само дома, а Луксембург е дел од ЕУ што е во ист домен на суверенитет. Disaster Recovery не е технички детал туку сериозна тема која може да го дуплира буџетот – втор датацентар, доволно далеку, на друга мрежа, друго напојување и друга оптичка траса.
Кои податоци и корисници се замислени за овој датацентар? Нема одговор на ова прашање. Немаме воопшто информација колку и кои институции се мигрирани кон тековниот државен датацентар во Прилеп. Дали корисниците на овој нов датацентар се државни регистри, здравство, судство, одбрана, и колку миграцијата кон овој центар за вакви институции се реални. Приватниот сектор во огромно мнозинство нема законска обврска да воспостави локален суверенитет на податоците, напротив се обидуваат да ги мигрират кон ЕУ правен простор за полесен пристап до ЕУ клиенти.
Трошок за миграција: И за приватниот и за државниот сектор, дали трошокот за миграција кон нов дата центар е прифатлив и воопшто возможен? Миграција значи дека нивните тековни воспоставени системи треба да бидат префрлени, со сите свои функционални интеграции. Ова не е тривијален процес, посебно за комплексни системи од кои се очекува да се постојано достапни и кои обезбедуваат услуги за стотици илјади луѓе. Ќе има повеќе итерации на планирање и тестирање, и сите овие процеси чинат многу пари. А притоа има и системи кои се толку стари што никој не знае ни да ги управува или промени бидејќи се развиени на застарени платформи, истекол договорот за одржување и ги чуваат функционални по принципот “не пипај”.
Имаме ли тековни датацентри во кои може да се воспостави суверенитет на податоците? Ќе речам да , телекомите имаат датацентри за комецријален закуп а и државата го има државниот датацентар во Прилеп. Колкава им е искористеноста? Кој конкретно се обврзал да закупи, по која цена, на колку години? Ако одговорот за новиот датацентар е „ќе го изградиме и корисниците ќе дојдат”, тоа не е бизнис план туку надеж. Ако зборуваме за суверенитет на податоците, зошто не процениме кога овие капацитети ќе бидат пополнети за да се планира дали треба нов датацентар.
Кој ќе ги одржува системите на датацентарот? Во датацентар работите постојано се расипуваат и редизајнираат, а минимизација на латенција подразбира постојан мониторинг. 24/7 значи смени, значи десетина луѓе само за дежурства, плус мрежни, безбедносни и платформски тимови. Секој од нив во моментов може да работи за странски компании, и брзо да сменат позиции. Хардвер се купува за шест месеци. Тим се гради за две години и се губи за три месеци.
Ќе правиме „AI датацентар”: Toa е сосема друго животно, со нови проблеми: густина на процесна снага е неколкукратно повисока, што повлекува поинакво ладење и напојување, но и набавка на GPU кои во моментов се прилично недостапни. Овој хардвер се амортизира и станува бескорисен многу брзо, за 2-3 години наместо 5. Кој ќе ги обновува GPU во следниот буџет? Градењето на суверен LLM модел е добра идеја, но тоа вклучува многу работа на суверен корпус на знаење – лиценциран, дигитализиран, исчистен, правно расчистен. А за тој напор веќе ја имаме Везилка.
Што правиме со опортунитетниот трошок? Нашите државни податоци се во силоси, ненормализирани, дупликати, дел и на хартија. Тоа тесно грло не се решава со зграда. Се решава со интероперабилен слој, дигитален идентитет и законска рамка — точно она што Естонија го направи, за драстично помалку пари. Прашањето е едноставно: дали истите пари во потполна интеграција и дигитализација би дале повеќе вредност за граѓаните?
Кои се метриките со кои се очекува да бидат реализиран: Искористеност на датацентарот во третата година од користење. Процент од опремата/датацентарот кој го користат државни и комерцијални организации. Приход наспроти оперативни трошоци. Број на технички работни места што не се обезбедување и хигиена.
Дали сме спремни да го одржуваме со години? Ништо од овие активности не е проект, туку постојана работа со години. Има ли буџет, воља, енергија, корисници, вработени и стратегија овој датацентар да биде клучен елемент на техничкиот екосистем во Македонија во наредните 10-15 години.







