Филипче: Глигоров ја обезбеди независноста без војна, жртви и разорувања

Киро Глигоров има историски заслуги за тоа што Македонија ја стекна својата независност по мирен пат, без војна, жртви и разорувања, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на свеченоста по повод 35 години независност.

На настанот „Македонија е сè што имаме“, во организација на СДСМ, премиерно беше прикажан документарниот филм „Глигоров од Македонија“, дело на Никола Т. Калајџиски и Аристид Филактов, посветен на првиот претседател на независна Македонија.

Филипче оцени дека историската улога на Киро Глигоров, особено во еден од најтешките периоди на Балканот, и по три и пол децении не е доволно вреднувана во неговата татковина.

„Што направивме со државата што ја добивме пред 35 години по мирен пат без жртви и без разорувања, за што историски заслуги има нашиот претседател Киро Глигоров. Да имаме сопствена самостојна држава по мирен пат, по ужасните војни и крвав распад на Југославија што ги погоди сите републики, неговата заслуга сè уште и по три и пол децении не е вреднувана во неговата татковина како што е вреднувана од светот“, рече Филипче.

„Во една личност се споија две македонски епохи“

Според лидерот на СДСМ, Глигоров припаѓал на генерацијата македонски државотворци кои учествувале во создавањето на темелите на современата македонска државност, а потоа ја предводел земјата во процесот на осамостојување.

„Во една личност се споија две македонски епохи. Генерацијата што ја создаваше македонската државност во рамките на федерацијата и генерацијата што требаше да ја изведе Македонија од федерацијата и да ја внесе во светот како самостојна држава“, истакна Филипче.

Тој оцени дека големината на првиот претседател на независна Македонија се гледа токму во неговата способност да ја зачува државата од војната што во тој период беснееше во регионот.

„Глигоров во тие пресудни години имаше нешто што политиката многу лесно го губи, а тешко го стекнува. Чувство за мерата на сопствената држава. Знаеше колку сме големи. Знаеше каде и како живееме. Знаеше кои се опасностите. И што е уште поважно, знаеше дека државничката храброст понекогаш се состои во тоа да спречиш трагедија, додека околу тебе политичките партии се натпреваруваат кој погласно ќе зборува за херојство и патриотизам“, рече претседателот на СДСМ.

Мирот како една од најголемите победи

Филипче потсети дека Македонија успеала да го помине најопасниот период од распадот на Југославија без војна на својата територија.

„Мирот често изгледа лесно остварлив само откако некој мудар ќе го обезбеди“, посочи Филипче.

Тој додаде дека обидите за омаловажување на улогата на Глигоров не се насочени само кон него лично, туку и кон историскиот чин на мирното стекнување на македонската државност.

„Мирот остава живи луѓе кои следното утро одат на работа, деца што одат на училиште и градови што не треба повторно да се градат. Тоа е една од најголемите, а најмалку спектакуларни победи во современата македонска историја“, нагласи Филипче.

Според него, суштината на државничката политика на Глигоров била зачувувањето на луѓето и на државата.

„Еден човечки живот вреди повеќе од сето тоа оружје што го однесе и употреби ЈНА. Доволно беше само еден инцидент за да експлодира тоа оружје и во Македонија, бидејќи имаше и такви идеи. Тоа беше суштината на разбирањето на Глигоров за спас на државата. Државата постои за да ги сочува луѓето“, рече Филипче.

Компромисот во интерес на државата

Претседателот на СДСМ се осврна и на меѓународното признавање на Македонија и приемот во Обединетите нации, оценувајќи дека Глигоров знаел да носи тешки одлуки кога тоа го барал повисокиот државен интерес.

„Глигоров ја прифати цената на компромисот затоа што го гледаше поголемиот државен интерес, меѓународната правна сигурност и опстанокот на државата“, рече Филипче.

На крајот, тој порача дека времето сè појасно ја потврдува историската улога и значење на Киро Глигоров.

„Долго време Киро Глигоров беше човекот кому дел од Македонија не сакаше да му ги признае заслугите, а историјата сè појасно му ги признава. Ние денес не го браниме претседателот Глигоров. Неговите заслуги се толку големи што тој и покоен самиот се брани со своите дела“, истакна Филипче.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ