Во Гевгелија има една пензионерка која се труди за три повредни штрка, кои се зaштитени со закон и кои се обврска на сите нaс, особено на институциите
Многу научив од штрковите, а најмногу дека човек треба да биде хуман кон секој вид животни. Затоа упатувам апел за донции
Во светот, секако и кај нас штрковите се прогласени за заштитени животни со Законот за заштита на природата. Македонија е и потписничка на Договорот за заштита на африканско-евроазиските миграторни водни птици (AEWA) , со кој државата има законска обврска да ги штити овие птици и нивните природни живеалишта.
Но, дали е тоа така кај нас? Иако сме свесни дека не е, сепак, ја прашавме ВИ дали во Македонија се почитуваат овие закони. Одговорот беше краток и јасен:
„ Во Македонија, како и за многу други закони, постои јаз помеѓу она што е напишано на хартија и реалната примена на терен. Иако постојат строги законски одредби, ситуацијата во пракса има и позитивни и негативни страни.“
Секако ВИ ги кажа негативните страни, но решивме да се зафатиме со позитивни. Една од малкуте позитивни кои ни ги предочи ВИ е свеста кај граѓаните, кои ги сакаат животните, па и покрај сите тешкотии се обидуваат да им помогнат на штрковите.
Дел од таа македонска позитивна приказна е Елена Алексовска од Гевгелија, нема кој не слушнал за неа поради штркот Мишко.

Елена е голем љубител на животните и кога го посетивме нејзиниот дом покрај три повредени штрка таа уште се грижи и за неколку кучиња и мачки. Нејзиниот двор е исполнет со невообичаена голема дружба меѓу овие животни.
-Моментално имам три штрка ама третиот повеќе седи во сувата река. Во моментов во дворот се два, спијат зад куќата во големиот двор. Штрковите се повредени, не можат да летаат и затоа се кај нас и зиме и лето, вели Елена, на која се уште во срцето и е штркот Мишко, кој по три години поминати во нејзиниот дом замина и не се врати.
-За разлика од овие повредени Мишко можеше да лета. Леташе, правеше кругови и пак ќе си дојдеше дома. Ми е криво што од моите раце летна. Така жално ме погледна како да е за последен пат. Одлета и не се врати, ни кажа Елена која по одлетувањето на Мишко апелираше до сите ако го најдат да и јават, но до денес тоа не се случи.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Во очај за да дознае што се случило со Мишко, Елена ја прашала и Вештачката интилегенција.
-Раскажав на ВИ што ми се случило со Мишко, дека ми одлетал пред зимата, што е невообичаено, и не се вртил. ВИ ми одговори дека без оглед што јас сум го чувала три години и без оглед што е период пред зима, можеби баш во тој период му проработеле хормоните и инстиктот за дивина и ја напуштил територијата. По течението на Вардар има цела зима штркови, нема мраз, нема снег. Најверојатно има најдено пар, вели таа и додава:

-Сум читала и дека младите штркови кога ќе заминат за Африка таму остануваат три години и после третата година се враќат назад. Таму созреват полово. Затоа можно е Мишко по 2-3 години да се врати, да си го посети местото кај што израснал. ВИ ми кажа дека штрковите имаат меморија која ја создава хормон и кај нив нема заборавање. Не забораваат ниту кај биле ниту каде треба да се вратат. Сум прочитала многу за нивната миграција и се изненадив. Европа е континент кој подлежи на замрзнување, но во делови од Шпанија земјата е мека и не замрзнува, а на нив тоа им е потребно. Најинтересното нешто е што ни најпознатите биолози не можат да откријат како функционира нивната навигација. Штрковите може да летаат и по 500 километри без да ги употребат крилјата. На нив им е потребно сонцето. Затоа не е случајно одберен 9 август ден за лет во топлите краишта. Летаат до Гиблартар и пред да го поминат тие по неколку недели седат кај брегот и чекат да дувне ветер кој ќе ги избутка накај афричкиот брег. Толку се паметни. Ширината на Гиблартар за нив не претставува проблем, но поради влажноста нема доволно сончева свтлина и мора да ги употебуваат крилјата. И тоа е голем проблем за нив. Бидејќи секаде во светот се заштитени птици, освен кај нас, кога почнува миграцијата, се собираат рибарите со чамци и ги придружуваат штрковите низ Гиблартар во случај кога некој штрк ќе падне веднаш да го земат и да му помогнат. До толку се организирани, вели таа.
Кога некој ги сака животните не му е тешко ништо да научи за нив. Така и Елена, која ги сака животните и им помага, но Мишко за неа е посбен.

-Мојата прва среба со штрк беше Мишко, пред четири години. Врќајки се со велосипед слушнав крик, но не знев што е. Се симнав и во тревникот под една бандера најдов мало штркче, сето крваво и исколвано. Веднаш го зедов и го донесов дома. Не знев од кај крвари. Го избањав и видов дека е колван на неколку места. Родителите штркови се немилосрдни кога имаат повеќе штркчиња отколку може да ги одлгедуваат, па некое од нив ги убиват. Но, Мишко имал среќа што го исколвале па паднал, но при колвање му го извадиле едното око. Раните му ги санирав за кратко време. Сама, така како што знев. Не знаев и тогаш и сега не знам дали штркот е машко или женско ама го крстив Мишко. Го најдов на една година од смртта на брат ми и му го дадов неговото име. Во чест на брат ми. Мишко се навикна со сите нас, со соседите, шеташе по цел ден и се враќаше. Го учев да лета секој ден. Тука на улица кога немаше возила. Се радував на првото мафтање со крилјата, па ќе полета, па по 10 метри ќе падне и така секој ден. Се додека не научи да лета. Така остана Мишко кај мене. Го хранев со риба и со пилешко. Мишко веќе си го знаеше името, ме препознаваше по чекорот. Навистина беше уникатен. Доаѓаа луѓе сакаа да се сликаат со Мишко, објасни таа.
Покрај Мишко сите ја дознaле како голем љубител на животните, па почнале да и носат други повредени штркови. Но, никој не се погрижил да и помогне, бидејќи не е едноставно да се чува штрк.
Прочитајте исто така: Општината Чешиново-Облешево рај за штрковите: Приказната за најголемото гнездо во Македонија, а можеби и во Европа
-Во меѓувреме од Миравци ми донесоа штрк со скршено крило. Беше договор да го причувам, но и тој остана кај мене. На штркот му е потребно секој ден барем едно кило риба. Јас немам донација од никаде, ниту, пак, сум барала. Мислев барем градоначалникот на Гевгелија или советниците ќе ставaт еднa точка на дневен ред за мене. Дека во Гевгелија има една пензионерка која се труди за три повредни штрка, кои се зaштитени со закон и кои се обврска на сите нaс, особено на институциите. Пензиите ни се мали за да можеме сами. Полицајци ни донесоа исто така повреден штрк, го оставија и повеќе не ги видов. Буквално никој не помага, рече таа и продолжи:

-Вториот штрк е Симо од Неготино. Едно семејство во Неготино го чувале. И тие а и јас мислев дека е млад, но е повреден и затоа не може да лета. Сега се останати два штрка. Едниот од штрковите го најдов целиот раскрвавен и повреден од едни деца, кои се оправдува дека наводно сакале да го галат и му го скршиле и другото крило. Па кај нас нема едукација ниту во обрзованието ниту во семејствата за тоа како треба да се однесувме кон животните, разочарана Елена.
Елена не само штркови, туку чува неколку кучиња и мачки кои се дружат со штрковите.
-Јас уште од мала ги сакам, тоа е нешто вродено. Тоа не се учи во школо, тоа е некаква дарба. Ама воопшто не е лесно да се одгледа штрк. Голема одговорност е. Не можам никаде да одам. Храна му треба, а јас секој ден купувам храна. Водата треба да им се менува преку лето два пати во денот. Многу е смешно со овие два штрка. Ќе им купам риба и не ја сакаат ама ќе им купам салама и ќе се потепаат за јадење. Многу се интересни. Сега очекувам многу повредени штркови да не можат да полетаат и луѓе да ми се јавуваат и да ми носат. Лани имав пет штрка. Но, јас навистина нема каде да ги чувам и сама да се грижам за нив, вели Елена.
Во дворот на Елена навистина е весело, другарство меѓу кучињата, мачињата и штрковите. Колку се врзани за човекот кучињата и мачињат веќе ни е познато, но да се чува штрк е навистина реткост.
-Љубовта кон штрковите ја имаме уште од деца и јас и брат ми. Толку многу имавме желба да бидеме блиску до штрк. Мајка ми по потекло е од кавадречко и кога бевме во полето со роднините јас и брат ми гледавме штркови и мислевме дека е многу лесно да им се доближиме и да ги фатиме. Но, првата шанса јас лично да фатам штрк во рака беше Мишко. Многу научив од штрковите, а најмногу дека човек треба да биде хуман кон секој вид животни. Затоа упатувам апел за донции. И не само тоа, да се направи и кај нас заштита на штрковите кои не можат да одлетаат на југ. Обврска ни е. И овде има Закон, кој за жал не се почитува. Во секоја општина градоначалникот треба да одговара за популацијата на штрковите, да знае колку седала има, колку болни. Да не се чека на само на луѓето, бидејќи има и немилосрдни луѓе, ги напуштаат милениците, ги оставаат кај гробиштата и тие потоа доаѓаат кај мене. Затоа и имам четири кучиња, 4-5 мачиња и штркови, ни рече таа за крај.
В.М.
Фото: Шакир Јусинов




