Случај Пулс: Семејствата бараат побрзо судење, Туфегџиќ предлага решение

На 50-тиот „Марш на ангелите“ во Кочани, семејствата на 63-те жртви од пожарот во „Пулс“ побараа над 10 судски рочишта месечно и јасни одговори од Обвинителството, додека адвокатот Владимир Туфегџиќ предлага поинаков пристап за дел од обвинетите.
Марш за ангелите на семејствата на загинатите од Пулс во Кочани | Фото: Каровски Мартин
Марш за ангелите на семејствата на загинатите од Пулс во Кочани | Фото: Каровски Мартин

Семејствата бараат над 10 рочишта месечно

Обвинителството да одговори за повеќе предистражни постапки

Туфегџиќ предлага раздвојување на постапката за дел од обвинетите

Педесеттиот „Марш на ангелите“ во Кочани повторно ги изнесе барањата на семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ – судењето да се одвива со забрзано темпо, рочиштата да се закажуваат редовно, а секое евентуално одложување јавно да биде образложено.

Роднините на жртвите, кои маршот го започнаа од „Паркот на револуцијата“, а го завршија пред Основниот суд и Јавното обвинителство во Кочани, порачаа дека не бараат пресуда од улица, туку ефикасен судски процес.

„Ние родителите и семејствата бараме интензивно судење со над 10 рочишта месечно. Бараме расправите да се закажуваат редовно а секое одлагање, јасно и јавно да се образложи. Нашите насилно убиени деца нема да се вратат, но правдата за нив веќе доцни. Секое тактизирање и купување време само ја продлабочува нашата болка. Одговорноста мора да се утврди веднаш“ – изјави Александар Наунов, татко на 17-годишната Надица, која го загуби животот во пожарот.

Александар Наунов, татко на починатата Надица | Фото: Каровски Мартин
Александар Наунов, татко на починатата Надица | Фото: Каровски Мартин

Од семејствата пристигнаа и конкретни прашања до Обвинителството. Тие побараа информации за постапките поврзани со сомнежи за даночно затајување, лиценцата на објектот, евентуално фалсификување исправа, сомнежи за поткуп и противзаконито влијание.

Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов, побара институцијата јавно да соопшти кои постапки се водат, против кого, за кои дела и до каде е нивната реализација.

„Пред повеќе од две недели поднесовме барање за сомнеж за даночно затајување поврзано со Дејан Јованов. Дали веќе е оформен предмет и до каде е постапувањето. Дали Државниот инспекторат за труд има поднесено кривична пријава за сомнежите со лиценцата и фалсификување исправа од член 378, став 4. А ако е поднесена, до каде е постапувањето по неа? До каде е постапувањето по сомнежите за давање поткуп и давање награда за против-законито влијание на вработени од УЈП, поврзани со случајот „Пулс“? До каде е предистражната постапка за „Пулс“ за која се објави дека се води од 20-ти ноември минатата година? Бараме обвинителството јавно и недвосмислено да појасни кои постапки се водат – против кого, за кои дела и до каде се стигнати“ – изјави Блажева.

Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов | Фото: Каровски Мартин
Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов | Фото: Каровски Мартин

Во меѓувреме, на прашањето како постапката би можела да се одвива поефикасно, свој предлог даде адвокатот Владимир Туфегџиќ.

Тој оценува дека судењето за трагедијата во Кочани ќе биде долг и тежок процес, меѓу другото поради, како што наведува, начинот на кој е поставена теоријата на случајот во обвинението. Според Туфегџиќ, новиот притвор на Дејан Јованов нема суштински да придонесе за забрзување на судењето.

Како можност за скратување на постапката за дел од обвинетите, адвокатот предлага обвинетите поранешни министри од пред 10 до 15 години, како и уште неколку лица за кои смета дека неоправдано се опфатени со предметот, да побараат промена на редоследот на изведување на доказите на одбраната.

Неговиот предлог е најнапред да се изведат доказите предложени од овие обвинети, со што доказната постапка во однос на нив би можела да заврши порано.

Владимир Туфегџиќ

„Ова не е ништо ново во сложени кривични постапки, а во овој случај би било потполно оправдано барање, имајќи ги предвид пред сè економичноста и ефикасноста на кривичната постапка“, оценува Туфегџиќ.

Според неговото образложение, откако ќе заврши доказната постапка за овие обвинети, Обвинителството би можело повторно да го преиспита обвинението во однос на нив, додека судот би можел да донесе одлука во раздвоена постапка.

Туфегџиќ смета дека на тој начин би се овозможило главната судска постапка да го задржи фокусот врз трагичниот настан во Кочани, а истовремено дел од обвинетите да не останат во постапката подолго отколку што е неопходно.

По изнесувањето на ваквиот став на адвокатот Туфегџиќ, кратко искоментира таткото на Надица, Александар Наунов:

„Ако некој не е лично засегнат или не настапува како бранител на обвинетите, тогаш би сакале да има разбирање зошто за нас секој збор за оваа трагедија има огромна тежина. Нашите деца не се само предмет во судска постапка. Тие се наши животи, нашите семејства и спомен кој ќе го носиме засекогаш.“

Судењето за пожарот во „Пулс“ веќе влезе во фазата на доказите на одбраната. До крајот на 2026 година се закажани уште 15 рочишта – шест во октомври, пет во ноември и четири во декември. Досега се одржани 49 рочишта, а Обвинителството ги заврши своите докази со изведени 1.309 материјални докази, 45 сведоци и пет вештаци.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ