На Фејсбук постојат повеќе групи во кои жители од источна Македонија, кои студираат или работат во Софија, се организираат за заеднички превоз со сопствени возила. Според сознанијата на Канал 77, Михајлова им испраќала пораки на членови на една од овие групи, прашувајќи дали имаат слободно место за патување до Софија.
Изворот на Канал 77 посочува дека ја препознал, по што ја одбил, иако не знаел дали Михајлова ја бара информацијата за себе или за друго лице. Овие информации засега се засноваат на сведочењето на анонимниот извор.
Обвинителството побара притвор, МВР не евидентирало излез од државата
Денеска Основното јавно обвинителство Кочани побара мерка притвор откако Ива Михајлова не се јавила во Основниот суд во Кочани, каде што согласно мерките за претпазливост имала обврска да се јави, по што било утврдено дека не се наоѓа на домашната адреса.
Реакцијата на Обвинителството доцни 24 часа, со оглед на тоа дека Михајлова вчера наутро се појави на бугарските медиуми од Софија во присуство на нејзиниот адвокат.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека извршило проверки во системот за гранична контрола, при што било утврдено дека нема евидентиран излез на Михајлова од територијата на Македонија.
„Ве известуваме дека се извршени проверки во системот за гранична контрола на Министерството за внатрешни работи, при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија“, соопштија од МВР.
Михајлова тврди дека границата ја поминала легално
Во изјава за бугарската Нова ТВ, дадена во присуство на нејзиниот адвокат, Михајлова тврди дека во Бугарија заминала легално и дека ѝ е потребно лекување во болницата „Пирогов“ во Софија.
Нејзиниот адвокат Николај Димитров изјави дека заедно ја поминале границата, со приложување на документите.
„Поминавме низ граничен премин. Ги извадивме документите и преминавме. Луѓето од македонска страна беа целосно свесни дека ова е Ива Михајлова. Никој ништо не ни кажа. Разговаравме и си заминавме“, изјави Димитров.
Тој посочи дека Михајлова не се чувствувала добро и дека одлучиле да се обидат да ја однесат во Бугарија за да добие соодветен медицински третман.
Така, засега остануваат спротивставени тврдењата на Михајлова и нејзиниот адвокат за начинот на преминување на границата и официјалните податоци на македонското МВР, според кои не е евидентиран нејзин излез од државата.
МНР го повика на разговор бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше повикан амбасадорот на Република Бугарија, Желјазко Радуков.
-На амбасадорот му беше пренесено дека начинот на кој Ива Михајлова беше пречекана во Софија, вклучително и најавите за нејзин прием на високо ниво, претставува провокација, ги подрива напорите за градење доверба и е спротивен на заложбите за развој на добрососедските односи. Воедно, беше нагласено дека ваквото постапување претставува директно навлегување во правниот систем на нашата држава и испраќа сериозно погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и принципот на еднаквост пред законот. Националната припадност или поседувањето друго државјанство не смеат да служат како основа за заштита од одговорност пред надлежните институции, информираат од МНР и додаваат:
-На средбата беше посочено дека од Република Бугарија, како членка на Европската Унија, очекуваме постапување во согласност со основните европски принципи – почитување на судските постапки, институционална соработка и владеење на правото. На амбасадорот му беше пренесено дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе преземе соодветни чекори за информирање на меѓународните институции, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа. На средбата уште еднаш беше нагласена нашата посветеност на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна, се вели во информацијата од МНР.
На Михајлова ѝ се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици
Ива Михајлова, кочанчанка со македонско и бугарско државјанство, е обвинета во судска постапка за тешка сообраќајна несреќа во која загина едно лице на 33 годишна возраст, а повеќе лица беа повредени, меѓу кои и таа.
На 6 јули, Основниот суд во Кочани го започна судењето. Македонскиот и бугарскиот пасош на Ива Михајлова беа одземени по несреќата, што ја спречуваше да замине во Бугарија.
На ист начин и покрај актуелната забрана за напуштање на државата и таткото на Ива, Симеон Михаилов, кој е осуден за повеќе дела, избега од Македонија и сега нормално живее во Бугарија. Тој е еден од осудените за случајот Детонатор, а едно од делата кои му се ставаат на товар е и обид за убиство. Бугарија одбива да го испорача, а македонското МВР и натаму го бара по меѓународна потерница, што стои со години на сајтот во делот потраги.
(К.М.)






