Кочанчанец осуден условно за објава со понуда на награда за убиство на обвинети во случајот „Пулс“

Основниот суд во Кочани донесе пресуда со казнен налог со која обвинетиот Б. Ј. од Кочани е прогласен за виновен за кривично дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од член 394-г став 1 од Кривичниот законик.

Според утврдената фактичка состојба, на 18 ноември 2025 година во 22:48 часот, обвинетиот преку својот Фејсбук-профил со назив „B L“ објавил фотографија од едно од обвинетите лица во предметот поврзан со пожарот „Пулс“ во Кочани, заедно со текстот: „Око за око, заб за заб, давам 200.000 евра награда за убиство на некој од обвинетите или некој од нивната фамилија.“ Судот оцени дека со оваа објава јавно ширел идеја која промовира и поттикнува омраза и насилство против лицата обвинети во кривичниот предмет што се води пред Основниот кривичен суд Скопје.

Пресудата е донесена на 19 февруари 2026 година по предлог за издавање на казнен налог на Основното јавно обвинителство Кочани (Ко. бр. 626/25 од 11 февруари 2026 година). Судот му изрече алтернативна мерка – условна осуда, со која му утврди казна затвор во траење од три месеци. Казната нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело. Обвинетиот е задолжен да плати судски паушал од 2.500 денари во рок од 15 дена по правосилноста, во корист на Буџетот на Република Северна Македонија.

Во образложението судот наведува дека ја прифатил предложената санкција на обвинителството, сметајќи дека со неа ќе се постигнат целите на специјална и генерална превенција и дека ќе влијае воспитно врз обвинетиот. Пресудата е донесена врз основа на приложените докази, меѓу кои фотографии од објавата и профилот, записници од МВР, ЦД-записни и извод од казнената евиденција.

Против пресудата обвинетиот има право на приговор во рок од осум дена од денот на приемот. Доколку приговор не биде поднесен, пресудата ќе стане правосилна.

(Каровски М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ