По години неизвесност, довршувањето на Клиничката болница во Штип добива нов временски план. Министерството за здравство очекува градежните работи да почнат во втората половина на 2027 година, доколку до крајот на оваа година бидат завршени преговорите со меѓународните финансиски институции.
Министерот за здравство Сашо Клековски, кој денеска беше во Штип, соопшти дека се одржани две рунди разговори со Светската банка и Европската инвестициска банка. Следниот чекор е постигнување договор за финансирање на проектот, по што ќе треба да се избере компанија што ќе ја доврши болницата.
Тендерската постапка, според проценките на министерот, би можела да трае од три до шест месеци.
„Тоа би значело летото, есента 2027 година ние би почнале да работиме на оваа болница“, изјави Клековски, додавајќи дека институциите се во постојана комуникација со Општината и болницата за процесот да се одвива поефикасно.
Министерот проектот го опиша како справување со „споменик на неспособноста“, изразувајќи уверување дека државата може да го реши проблемот.
Лошите услови дополнителен притисок за довршување на објектот
Додека се чекаат финансискиот договор и тендерот, состојбата во постојната Клиничка болница останува сериозен проблем за пациентите и медицинскиот персонал. Клековски призна дека условите се лоши, но порача дека тоа треба да биде поттик за забрзување на решението.
„Овие услови во кои се примаат пациентите и во кои работат здравствените работници овде се лоши. И тоа мора да нè мотивира за конечно да го решиме прашањето на КБ Штип“, рече министерот.
Избран изведувач за оштетениот дел, но се чека одлука по жалба
Паралелно со плановите за довршување на болницата, останува отворено и прашањето за санацијата на делот оштетен од невремето. За овие работи веќе е избран изведувач, но постапката е закочена поради жалба поврзана со надзорот над објектот.
„Штом тоа се разреши, ќе биде спремно за започнување на работите“, информираше Клековски.
Реализацијата на најавите ќе зависи од завршувањето на преговорите, договорот со финансиските институции и тендерската постапка. Дури потоа ќе стане извесно дали Клиничката болница во Штип навистина ќе добие градежна активност во најавениот рок.





