- Иако МОН презел обврска за годишно усогласување со стапката на инфлација, три години не е зголемен износот на студентскиот оброк
- Бесплатниот јавен превоз да важи и за студентите кои сторураат во другите градови
- Студентите пријавуваат нејасни критериуми за оценување, прашања кои не биле опфатени во материјалите, како и фаворизирање на одредени студенти
Платформата „Дигиталниот студентски глас“ изминатиов период спроведе сеопфатна анализа на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат студентите во државата. Како што истакна Гоше Николов, основач на „Студентрија“, фокусот на анализата не бил само на бројот на пријави за одреден проблем, туку на тоа кои предизвици постојано се повторуваат и дали постојните механизми во пракса воопшто функционираат.
Според Николов, од сите пријави се издвоени шест клучни области во кои проблемите се особено видливи, а состојбата во високото образование покажува дека „правото постои на хартија, институциите надлежни да реагираат постојат на хартија, но решение за студентските проблеми нема“.
Слушајте радио во живо
Студентски домови: Во „Гоце“ лани сред зима 30 часа немаше струја
Во однос на студентските домови, Николов нагласи дека разговорите не се водат за модерни услови, туку за основните услови за живот – струја, вода и греење.
„Во февруари оваа година во студентскиот дом ‚Гоце Делчев‘ во Скопје студентите среде зима останаа без струја повеќе од 30 часа, а во истиот дом во јуни студентите останаа без електрична енергија повеќе од 6 дена… студентите ниту можеа да живеат соодветно, ниту да учат, ниту да се тушираат бидејќи немаше топла вода,“ истакна тој.
Дополнително, беше истакнато дека МОН при објавувањето на списоците за прием во домови воопшто не го наведува бројот на освоени поени, со што се отвора сомнеж за транспарентноста, особено кога дел од студентите беа принудени да бидат сместени во ученички домови поради недостиг на капацитети.
Доцнење на стипендиите и административен хаос
Кај стипендиите, најчестите пријави се однесуваат на доцнењето на објавата на резултатите и месечните исплати. Особено забележливо било кај вториот циклус студии, каде стипендиите за претходната академска година биле исплатени дури во август, кога обврските веќе биле завршени.
Превоз: Дискриминација и зголемени цени наспроти стратегијата
Во делот на јавниот превоз, бесплатните линии во Скопје важат само за државните универзитети, додека студентите од приватните факултети и другите градови (како Штип, Битола и Тетово) се изоставени, и покрај препораките од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Слична е состојбата и со меѓуградскиот превоз. И покрај тоа што Националната стратегија за млади (2023–2027) предвидувала намалување на цените на билетите за 30% до мај 2024 година, студентите во септември се соочија со дополнителни поскапувања на бројни релации кон универзитетските центри.
Проблеми на факултетите и евалуација на знаењето
Од Студентарија споделија дека најзастапени пријави на дигиталната платформа во текот на пет од шесте месеци беа оние насочени кон односот со професорите и испитите. Студентите пријавуваат нејасни критериуми за оценување, прашања кои не биле опфатени во материјалите, како и фаворизирање на одредени студенти.
Заклучокот од презентираната анализа на Гоше Николов е дека надлежните институции мора итно да преземат конкретни чекори за надминување на овие системски проблеми и почитување на законите кои ги гарантираат студентските права.
Во препораките се подобра размена на податоци меѓу факултетите и МОН за студентите да не губат права поради административни пропусти; усогласување на износот на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата; проширување на пристапот до бесплатен јавен превоз; системска поддршка за студентите кои патуваат меѓу градови; поголема транспарентност при приемот во студентските домови; гарантирање основни услови за достоинствено живеење во домовите; како и јасни, однапред објавени и доследно применувани критериуми за оценување на факултетите.







