- Родителите ја оспоруваат споредбата со други судски предмети, нагласувајќи дека станува збор за различни случаи.
- Отвораат прашања за контролата на објектот, безбедносните планови, елаборатите и лиценците.
- Поставуваат прашања за проектната документација што била изработена пред реконструкцијата на „Пулс“.
Родителите на загинатите во „Пулс“ во нова реакција ја критикуваат можноста случајот да се споредува со други обвиненија, нагласувајќи дека предметот се однесува на долгогодишното незаконско работење на дискотеката и одговорноста на надлежните институции.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Во реакцијата се осврнуваат на барањето на адвокатот Петре Шилегов Јавното обвинителство повторно да го преиспита кривично-правниот настан, повикувајќи се на други предмети. Родителите сметаат дека не може да се ставаат во ист контекст различни случаи, бидејќи имаат различни основи на одговорност.
„Ние, родителите, многу добро знаеме зошто обвинетите денес седат на обвинителната клупа“, наведуваат тие.
Родителите прашуваат кој бил должен да ја гарантира безбедноста
Во реакцијата се поставува прашањето која институција била одговорна за контролата на законското работење и безбедноста на објектот. Родителите ги посочуваат Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и другите контролни органи.
Тие бараат одговори за тоа кој требало да ги проверува безбедносните планови, елаборатите, минимално-техничките услови и лиценците.
Според нив, токму незаконското постапување и непостапувањето што им се ставаат на товар на обвинетите, како што наведува обвинението, придонеле за загрозување на човечки животи и трагичните последици.
Прашања и за проектната документација на „Пулс“
Родителите се осврнуваат и на дел од денешното рочиште, на кое бил сослушан вештак на „Венци Проект“. Според нивната реакција, во судницата се отворило прашањето за проектна документација изработена пред реконструкцијата на дискотеката.
Тие прашуваат кој ја проверил и одобрил документацијата, дали биле испочитувани законските постапки и врз која основа било дозволено нејзиното користење.
„Документацијата не смее да биде параван за прикривање незаконитости, ниту оправдување за институционалните пропусти“, наведуваат родителите.
Во завршниот дел од реакцијата тие тврдат дека доколку надлежните институции навреме постапеле и го затвореле објектот, дискотеката немало да работи на 16 март 2025 година, кога се случи трагедијата.
„А цената за тие пропусти ја плативме ние, родителите, со најсветото што го имавме – нашите деца“, порачуваат тие.
Родителите со реакцијата повторно бараат фокусот на судската постапка да биде и врз прашањето за институционалната одговорност и пропустите што, според обвинението, му овозможиле на објектот да работи и покрај безбедносните и законските недостатоци.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
(Каровски М.)









