Кандидидтската двојка Илијана Јотова и Кирил Влчев победија на изборите за претседател и потпретседател на Бугарија со 57,58 отсто од гласовите, додека Андреј Ѓуров и Георги Кандев добија 39,47 проценти. Ова го покажуваат податоците на Централната изборна комисија (ЦИК) при обработени 99,95 отсто од записниците, што беа објавени на нејзината веб страница во 7:30 часот, по локално време.
За Јотова и Валчев гласале 1.093.564 избирачи, а за Ѓуров и Кандев – 749.543.
Опцијата „Не поддржувам никого“ ја избрале 2,95 отсто од избирачите или 56.070 луѓе.
Јотова на прес-конференцијата одржана синоќа по завршувањето на вториот круг од изборите изрази благодарност до сите бугарски избирачи кои во текот на денот го искористија своето право на глас и ја поддржаа, како и на оние кои, како што рече, не ја поддржаа, но нивниот глас означува многу затоа што ќе биде слушнат.
Јотова посебна благодарност упати до бугарскиот премиер Румен Радев.
– Почитуван господине Радев, немаше да можеме да го направиме ова без вас. Никогаш не се поколебавте во вашата поддршка за мене – му се обрати Јотова која е актуелен шеф на државата.
Според неа, со својот глас, луѓето ја отфрлиле, како што рече, агресивната кампања на двојката Ѓуров-Кандев и верувале во „политика која бара соработка и решенија“.
– Водевме позитивна кампања. Не си дозволивме јазик на омраза, конфронтација и поделба, но не го добивме истото. Разговаравме за приходи и мир со бугарските граѓани и тие ја разбраа нашата порака – рече Јотова посочувајќи дека не може да си објасни кој го наведе Ѓуров за таа напаѓачка кампања против нив.
Валчев, пак, пред новинарите истакна дека двојно повеќе гласачи ја поддржале првата избрана жена претседател на Бугарија во вториот круг.
Тој им се заблагодари на Бугарите во странство кои гласале за нив и рече дека тие ќе бидат негов приоритет како потпретседател.
– Мојата друга важна задача како потпретседател ќе биде подобро да ја претставувам нашата земја низ целиот свет – рече Валчев кој до неодамна беше директор на Бугарската телеграфска агенција БТА.
Според него, посебно внимание ќе обрнат на младите луѓе, за кои рече дека ќе ги поканат за да ги слушнат нивните идеи за иднината на Бугарија.
– Мора да се погрижиме нашите деца да останат во Бугарија, а оние што заминале да се вратат – додаде Валчев.
– Завршуваме тешка изборна година, но насоката е јасна, нема враќање кон сенките од минатото од транзицијата, истакна Радев и додаде дека „овие избори ја потврдуваат исправноста на преземениот курс и ја охрабруваат Владата да продолжи со уште порешителни и поактивни реформи – рече Радев.
Честитајќи им на Јотова и на Валчев, тој посочи дека „во оваа хистерија што се вртеше околу нив“, тие, како што рече, водеа достојна и позитивна кампања.
– Убеден сум дека ќе бидете достоен претседател на Бугарија – се обрати Радев кон Илијана Јотова.
Тој се заблагодари на сите Бугари кои, и покрај лошото време, излегоа и гласаа, сфаќајќи ја, рече, својата одговорност кон иднината.
Поразениот претседателски кандидат Андреј Ѓуров, пак, на синоќешната прес-конференција рече дека, и покрај овој разочарувачки резултат за неговите поддржувачи, „најдоброто допрва доаѓа“.
Тој истакна дека не очекувал таква разлика, но дека, сепак, ги прифаќаат резултатите онакви какви што се, без разлика колку се изненадувачки.
– Така гласаа бугарските граѓани – рече Ѓуров, додавајќи дека создале „добра платформа врз која може да се гради“.
Како општество и граѓани, рече тој, мора да бараме обединување, а не поделба.
„Постојат работи што нè обединуваат многу повеќе отколку што нè разделуваат“, изјави Ѓуров, кој како важни вредности ги посочи – силна Бугарија, достоинствена држава во која, како што рече, „ќе можеме да бидеме спокојни за иднината на нашите деца“.
Ѓуров рече дека не разговарал со ниту еден политички лидер за поддршка, туку за заеднички цели.
Кандидатот за потпретседател Георги Кандев им честиташе на победниците на овие избори и апелираше до бугарските граѓани да го следат исполнувањето на ветувањата што им беа дадени.
Јотова која е актуелен шеф на државата, ја презеде претседателската функција од Румен Радев во јануари оваа година, кој се повлече за да учествува на парламентарните избори, на кои однесе убедлива победа.
Јотова на 22 јануари 2027 година ќе положи заклетва како седми претседател на Бугарија. Таа е првата жена претседател на државата во историјата на Бугарија.МИА








