Нема да дозволиме спорни вештачења и неправди да ја прикријат одговорноста за „Пулс“, вели Наунов

Фото: МИА

Семејствата на настраданите нема да дозволат одговорноста да биде релативизирана преку спорни вештачења, дали корупцијата и привилегиите ќе продолжат да ја газат вистината

Зошто судот дозволува постапување што отвара сомнеж за привилегиран третман на првообвинетиот?

Претседателот на Здружението „16 март“ и родител на една од жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“, Александар Наунов, во врска со денешното судско рочиште изјави дека семејствата на настраданите нема да дозволат одговорноста да биде релативизирана преку спорни вештачења, прашувајќи дали корупцијата и привилегиите ќе продолжат да ја газат вистината.

Наунов посочи дека на денешното рочиште, градежните експерти ги оспориле наодите на вештото лице предложено од одбраната од првообвинетиот Дејан Јованов.

– На денешното судско рочиште, градежните експерти ги оспорија наодите на вештакот на одбраната кој според кажаното на рочиштето самиот признал дека нема стручни познавања по противпожарна заштита, а притоа занемарил сериозни неправилности во конструкцијата, доградбите, евакуациските излези и заклучените врати – посочи Наунов.

Прочитајте исто така: „До кога ќе ни се повторуваат трагедии?“ – Семејствата од Кочани на 51-ви Марш за ангелите

Упати критики кон првообвинетиот во постапката и го отвори прашањето за постапувањето на судот во однос на доказните постапки.

– Првообвинетиот Дејан Јованов кој 13 години го водел објектот со бројни неправилности и сомнежи за корупција, денес преку спорно вештачење повторно се обидува да ја релативизира одговорноста. И додека обвинителството реагира на доставување на списокот со сведоци на самото рочиште, се поставува прашањето: зошто судот дозволува постапување што отвара сомнеж за привилегиран третман на првообвинетиот? Зарем 13 години неправилности не беа доволни? Зарем и по 63 згаснати животи ќе продолжиме со истите практики на оправдување и избегнување на одговорност – нагласи Наунов.

Нивната цел е, вели, правдата и спречување слични трагедии во иднина.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

– Ние ја плативме цената со крвта на нашите најмили. Нема да дозволиме нивната смрт да биде погребана под невистини, спорни вештачења и нови неправдини. Нашата борба е ниту еден родител повеќе да не ја чувствува нашата болка. 63 животи не се предмет на надмудрување. Доста беше корупција, привилегии и неодговорност – истакна Наунов. МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ