На седница на Собранието на Лекарската комора проф.д-р Никола Јанкуловски денеска е избран за претседател на оваа професионална организација на сите доктори по медицина. За негов заменик е избран д-р Идрис Орана. На седницата беа избрани и тројца потпретседатели, д-р Биљана Петковска Огњанова – потпретседател за примарно здравство, д-р Ленче Нелоска – потпретседател за секундарно здравство и д-р Ристо Тодоров – потпретседател за терцијарно здравство.
По седницата проф. д-р Јакуловски изјави дека по повеќемесечно одложување денеска успеале да го формираат новоизбраното собрание, како и органите и телата на Лекарската комора. Посочи дека неговата визија за комората апсолутно ќе се движи во насока на повисоко етаблирање на комората на домашно и меѓународно ниво.
– Сите предлози што беа дадени за од верификација на мандатите на членовите на собранието, сè до изборите на органите и телата, поминаа едногласно. Ние докторите треба да бидеме поактивни, поупорни и поуспешни и во советодавната улога на комората кон државата во контекст на нови закони што веројатно во иднина следат пред сè, што се поврзани со нашата медицинска професија, законот за здравствена заштита и друго, заради тоа што имаме што да кажеме и имаме можности да придонесеме со нови функционални решенија за добробит на медицинската професија и здравството. Ќе се залагам за поголема транспарентност во работењето, нормално и за отчет на сработеното. Ќе се залагаме и за една модерна Лекарска комора со поголема дигитализација и поголема транспарентност во работењето – рече д-р Јанкуловски.
Тој истакна дека Лекарската комора ќе ги става во фокусот докторите од една страна, но и одговорноста кон пациентите од друга страна. Потенцира дека очекува во иднина да направат многу повеќе и да придонесат во заедницата да биде подобар животот на граѓаните, односно пациентите.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кои ќе бидат неговите приоритети, појасни дека очекува поголема соработка со сродните институции кои соработуваат на едно пошироко меѓународно ниво, спроведување на дигитализацијата како еден важен сегмент во подобро функционирање на комората и една поголема активност и во регулацијата на специјализациите, да се пронајдат интересни теми за едукација и еден многу важен сегмент, а тој е да дојде до поинтензивно спојување меѓу лекарите кои се постари со поголемо искуство, да можат да го пренесат своето искуство на помладите и на тој начин да бидат формирани генерации кои ќе бидат подготвени за сите предизвици во здравството.
Проф. д-р Јанкуловски е истакнат супспецијалист по абдоминална хирургија, долгогодишен редовен професор на Катедрата за хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје, а ги извршуваше и функциите на директор на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, во два мандати декан на Медицинскиот факултет во Скопје и во два мандати ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.







