- Маршот беше посветен на 138-те жртви од трагедиите во Ласкарци, Тетово, кај „Беса транс“ и во Кочани, но и на жените и девојките жртви на насилство.
- Валентина Христова побара одговори од институциите за ветувањата дека сите вмешани во трагедијата во „Пулс“ ќе одговараат.
- Драги Стојанов порача дека родителите ќе продолжат да маршираат сè додека правдата не излезе на виделина.
Родителите и семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ повторно излегоа на улиците во Кочани, по 51. пат, со барање за вистина, одговорност и правда. Маршот се одвиваше по веќе познатата рута – од Паркот на револуцијата, преку Трговскиот центар, пред објектот на УЈП и Полициската станица, до Основниот суд и Обвинителството.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Валентина Христова: Чекориме за сите невини жртви
Пред Полициската станица во Кочани се обрати Валентина Христова, мајка на момче кое го загуби животот во трагедијата во „Пулс“. Таа порача дека маршот не е посветен само на 63-те загинати во Кочани, туку и на сите невини жртви во големите трагедии што ја завија Македонија во црно.
„Денес повторно маршираме, со истата болка, со истата празнина во срцата и со истото барање – вистина, одговорност и правда. Но денес чекориме не само за нашите 63 ангели, туку и за сите невини жртви од трагедиите што ја завија Македонија во црно: Ласкарци – 16 изгубени животи, Модуларната болница во Тетово – 14 згаснати животи, ’Беса транс‘ – 45 човечки животи, ’Пулс‘ во Кочани – 63 изгубени животи и над 200 повредени. Сто триесет и осум изгубени животи“, истакна Христова.
Во својот говор таа ги спомена и жените и девојките кои биле жртви на фемицид и семејно насилство, меѓу кои Танкица од Кочани, Росица од Велес, Емилија од Штип, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана од Скопје и 17-годишната Билјана од Богданци.
„По трагедијата во ’Пулс‘ слушнавме и јавно тврдење дека на сопственикот со години му било гледано низ прсти од институциите – од МВР, инспекторатите, УЈП, до локалните функционери. А потоа следуваше големото ветување: ’Верувајте ми, сите кои се вмешани ќе одговараат!‘ Е, господа, Ви поверувавме! Но речиси дваесет месеци подоцна прашуваме: До каде стигна вашето ’сите‘? Дали се испитани сите институционални пропусти? Дали се спроведени внатрешни контроли? Дали се поведени дисциплински постапки? Каде се резултатите“, праша Христова.
Таа порача дека семејствата немаат потреба од нови ветувања и прес-конференции, туку од конкретни постапки и резултати.
„Или ветувањата важат само додека камерите се вклучени? Почитувани, на нас семејствата не ни се потребни нови ветувања. Потребни ни се одговори, конкретни постапки и видливи резултати. Зашто човечкиот живот не е статистика, а нашата болка не е тема за една прес-конференција! Не бараме привилегии, ниту посебен третман. Бараме вистина, правда во судница и одговорност за секој докажан пропуст“, додаде таа.
Во најемотивниот дел од обраќањето, Христова зборуваше за болката од загубата на сопственото дете и за спомените од кобната ноќ.
„Знам што значи да чекаш дете што никогаш повеќе нема да ја отвори вратата. Знам што значи да го бараш неговиот глас во тишината. И знам како е во главата да ти одекнуваат криците, стравот и молбите за помош од таа страшна ноќ. Тоа не се заборава, господа! Ниту со стратегија, ниту со награда, ниту со прес-конференција! Нашите деца нема да се вратат… Но нивната загуба мора да биде опомена за секој што носи одлуки, потпишува дозволи, врши контроли или прима пријава за насилство. Не ни докажувајте со зборови дека човечкиот живот ви е приоритет. Докажете го со дела — додека луѓето сè уште се живи! Бараме правда за Кочани! Бараме правда за сите невини жртви! Бараме одговорност, а не ветувања“, заклучи Христова.
Драги Стојанов: Ќе чекориме сè додека сме живи
Пред Основниот суд во Кочани се обрати и Драги Стојанов, родител кој го загуби својот единствен син во пожарот во дискотеката „Пулс“. Тој нагласи дека маршевите не се насочени против политичари или власт, туку претставуваат барање институциите да работат совесно и одговорно.
„Ние не чекориме да ја рушиме власта, ниту против премиерот или министрите. Ние чекориме и бараме правда сите јавни институции да почнат да работат совесно и паметно… Не може така луѓе, мора да има ред и одговорност! Ние мирно чекориме и бараме правда за нашите деца. Чекоревме, чекориме и ќе чекориме сè додека сме живи, сè додека правдата не излезе на виделина на овој свет! Од судиите бараме да судат праведно, да судат правдина! На судиите ќе им препорачам – немојте да се продадете за пари! Ако ви нудат пари, кажете колку пари ви нудат. Ние родителите ќе ги продадеме домовите, сè што имаме ќе продадеме и ќе ви дадеме дупло, само тие да не вршат повеќе убиства врз децата“, рече Стојанов.
„Маршот за ангелите“ заврши со порака дека семејствата нема да се откажат од барањето за вистина и судска одговорност. Родителите повторно порачаа дека од институциите очекуваат конкретни дела, а не ветувања.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
(Каровски М.)







