Во акција на полицијата на Република Српска, во соработка со Европол и полициите во Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Хрватска, уапсени се четири лица под сомнение дека сториле кривично дело „искористување деца за порнографија“.
Операцијата „Мозаик 2026“ беше насочена кон откривање и спречување на сексуална злоупотреба и експлоатација на деца на интернет, а особено на кривични дела поврзани со детска порнографија.
Во соопштението од Министерството за внатрешни работи на Република Српска се наведува дека операцијата е спроведена врз основа на наредби од надлежни судови. Извршени се претреси на пет локации што ги користеле осомничените, при што се одземени мобилни телефони, лаптопи, УСБ-мемории, мемориски картички, СИМ-картички и други уреди за дигитално складирање, како и други предмети што е можно да се поврзани со извршувањето на кривичните дела.
Уапсените лица се сомничат дека, во одреден временски период, преку социјалните мрежи споделувале и разменувале материјали што прикажуваат сексуална злоупотреба и експлоатација на деца. Исто така, постојат сомневања дека тие стапувале во контакт со деца, им испраќале фотографии и ги наведувале да создаваат детска порнографија.МИА








