- Во акцијата биле опфатени шест лица – четири се во притвор, едно во куќен притвор, а по шестото се трага.
- Според АНБ, групата добивала директни насоки од ирански државјанин, за кого постојат индиции дека соработува со иранските безбедносно-разузнавачки служби.
- Засега нема информации за подготвување напади во Македонија или за македонски државјани како потенцијални цели.
Агенцијата за национална безбедност соопшти дека открила мрежа, чии членови, според информациите презентирани од директорот на службата, Бојан Христовски, преземале логистички и други подготвителни активности за извршување терористички акт на територијата на Грција.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Христовски: „Станува збор за лица етаблирани во криминални структури“
Директорот на АНБ, Бојан Христовски, информираше дека мрежата била разоткриена по десетмесечна оперативна истрага, спроведена преку оперативно-технички и аналитички активности, во соработка со странски партнерски служби.
Според неговите информации, групата била составена од лица поврзани со криминални структури во Македонија, кои дејствувале по насоки на иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маванех.
„Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземаат подготвителни логистички активности за извршување на терористички акт, атентат врз претходно дефинирано лице, таргет лоциран во Грција“, изјави Христовски.
За Маванех, како што информираше директорот на АНБ, постојат индиции дека соработува со иранските разузнавачки служби и има врски со иранскиот наркобос Наџи Шарифи Зинташки. Христовски нагласи дека Маванех бил главниот носител на планираната терористичка операција.
Истрагата, според директорот на АНБ, покажала дека припадниците на мрежата одржувале тајни средби во трети земји, меѓу кои и во Иран. Начинот на комуникација и организирање бил утврден преку размена на информации со странските партнерски служби.
Шест лица опфатени со акцијата, четворица во притвор
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, потврди дека во акцијата биле опфатени шест лица. На четири им е одреден притвор, едно е во куќен притвор, додека шестото лице сè уште не е достапно за органите на прогонот и по него се трага.
Одговарајќи на прашањето дали постојат сознанија за можни терористички закани на територијата на Македонија, Христовски рече дека засега нема информации за подготвување напади во земјава или за македонски државјани како потенцијални цели.
Од АНБ најавија продолжување на соработката со домашните и странските безбедносни служби во откривањето посреднички мрежи и спречувањето потенцијални терористички закани.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
(K.M.)








