- Маршот е посветен на 63-те загинати во трагедијата од 16 март 2025 година.
- Организаторите повикуваат на судска правда и одговорност од институциите.
- Почетокот е закажан за 16:05 часот во Паркот на Револуцијата.
Со секој нов марш, семејствата на жртвите потсетуваат дека трагедијата во „Пулс“, во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, не смее да остане само спомен на изгубените животи, туку и потсетник на потребата од институционална одговорност и спречување на слични несреќи.
„Не сакаме повеќе минути молк, туку години на одговорност“
Од здружението посочуваат дека маршот не е само во знак на сеќавање на загинатите, туку и повик за промени во системот. Тие реагираат на, како што наведуваат, пропустите и институционалното непостапување што овозможиле да се случи трагедијата.
„Не сакаме повеќе минути молк, туку години на одговорност, совесно работење и вистинска превенција“, порачуваат организаторите, отворајќи го прашањето зошто опасностите не се спречуваат навреме, туку одговорност се бара дури откако ќе се случат трагедии.
Во повикот за учество, семејствата упатуваат порака и до граѓаните да им се придружат во барањето правда.
„Ги повикуваме сите граѓани да застанат покрај нас. Зашто денес ние чекориме со фотографиите на нашите деца, а утре не смее ниту еден друг родител да биде принуден да го прави истото“, се наведува во повикот.
Организаторите нагласуваат дека нивната цел не е да се изрекуваат пресуди на улица, туку правдата да биде обезбедена во судница, а институциите да преземат одговорност и конкретни мерки за да се спречи повторување на вакви трагедии.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
(Каровски М.)





