Еден случај во 15 милиони – Австралијка роди четири идентични бебиња од една природно оплодена јајце клетка

Фото: protothema.gr/

Едно од најретките породувања некогаш регистрирани во светот се случи во Австралија, каде што 34-годишна жена роди идентични четворки, кои беа зачнати природно, по бременост што лекарите ја опишаа како екстремно ризична.

Според Би-Би-Си, Џенитар На’амоана родила со царски рез на 14 јули, по 28 недели и четири дена бременост, четири девојчиња, кои потекнуваат од една оплодена јајце клетка која се разделила на четири ембриони. Тие се монозиготни идентични четворки, феномен за кој се проценува дека се случува само еднаш во околу 15 милиони бремености .

Лекарите истакнаа дека случајот е уште поспецијален, бидејќи четирите фетуси ја делеле истата плацента, нешто што го опишаа како невидено и исклучително опасно и за мајката и за бебињата.

34-годишната жена и нејзиниот сопруг, Јортам, веќе се родители на четири деца на возраст меѓу една и десет години и, како што рекоа тие, останале без зборови кога им кажале дека очекуваат четворка. Бременоста била внимателно следена од специјализиран медицински тим, додека мајката била примена во болница од 25-тата недела на континуирано следење.

Лекарите верувале дека ако бременоста достигне 28 недели, тоа веќе би било голем успех. На крајот, четирите девојчиња се родиле на 28 недели и четири дена, без сериозни компликации.

Новороденчињата беа именувани Емили, Хариет, Катерина и Алекса , при што втората е почит кон гинекологот и специјалистката за мајчино-фетална медицина д-р Алекса Бентал , која ја следела бременоста од самиот почеток. Таа го опиша изборот на родителите како „прекрасен гест што ја почитува“, изразувајќи го своето задоволство што и мајката и бебињата ги избегнале сите сериозни компликации што обично се јавуваат при толку ретка бременост.

Четирите бебиња се лекуваат во одделот за интензивна нега за новороденчиња, каде што ќе останат сè додека не ја достигнат гестациската возраст на доносено бебе. Според лекарите, нивното здравје напредува многу задоволително.

Семејството, исто така, започна онлајн кампања за собирање средства , која веќе собра повеќе од 37.000 австралиски долари, бидејќи сега со осум деца, им е потребно возило со најмалку десет седишта за движење.

Во својата порака, мајката рече дека, и покрај огромната благодарност за безбедното раѓање на четирите девојчиња, секојдневната грижа за четири новороденчиња истовремено носи предизвици што семејството никогаш не можело да ги замисли.

Експертите истакнуваат дека природно зачнатите четворки се исклучително ретки, со веројатност од околу едно на 700.000 раѓања, додека овој конкретен случај на идентични четворки кои потекнуваат од едно оплодено јајце е меѓу најневообичаените досега забележани.

[ИЗВОР]

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА