Македонската музичка фолк – ѕвезда и автор на многубројни испеани хитови Јордан Митев заокружи уште една успешна музичка турнеја. Овој пат неговата песна одекна во Волонгог, Канбера, Сиднеј, Мелбурн и Перт, а Митев на своите обожаватели им приреди незаборавни концерти, за кои сеуште се зборува…
– Секогаш се радувам на средбите со македонската публика надвор од мојата Татковина. Овој пат, навистина немам зборови како би ја опишал турнејата низ Австралија. Можеби ми беше по малку напорно поради динамиката на концертите, но јас буквално живеам за овие моменти. Се радувам на секој еден град, концерт, испеана песна и средба со мојата публика – изјави Митев за медиумите
Додека Македонците од Австралија сеуште ги средуваат впечатоците и импресиите од прекрасните концерти, Јордан Митев се подготвува за концертен спектакл на домашен терен. Подготовките за големиот јубилеен солистички концерт, кој е во знакот на 20 години богата, музичка кариера, веќе е во полн ек…
– Нема простор за одмор. По Австралија главниот професионален фокус е насочен кон СЦ Јане Сандански. Таму, на 26 декември, заедно со мојата публика ќе ја заокружиме најубавата музичка приказна за оваа година: 20 години посветеност, музика, компонирање хитови и емоции… 20 годишниот јубилеј во една музичка вечер. Јас и мојата публика. Ветувам ноќ за паметење – додава Митев
Билетите за големиот концерт се веќе пуштени во претпродажба преку електронскиот сервис e-ticket.mk, а во текот на неделата ќе бидат објавени и продажните места низ Македонија каде што и физички ќе можат да се набават билети.







