„Мамо, станав доктор“ – Елвин Шакиров ја посвети дипломата на неговата почината мајка

Елвин Шакиров
Елвин Шакиров

„23 февруари 2018 година, 22 часот.“ – со овие зборови ја започна приказната за своето дипломирање младиот штипјанец Елвин Шакиров.

Неговата мајка Гордана Шакирова починала пред 8 години на само 50 години од рак на дојка. Тогаш, во нивните последни мигови заедно, Елвин ѝ дал на својата мајка едно ветување:

„Денот кога го изгубив најскапоценото нешто што го имав. Во тие најтешки мигови ти дадов едно ветување:

„Мамо, ќе станам доктор.“

Тогаш не знаев колку долг ќе биде патот до тој ден. Не знаев колку пати ќе се чувствувам уморен, изгубен и на чекор да кажам:

„Не можам повеќе.“

Но секогаш кога ќе ми беше најтешко, се враќав на тебе. На твојот лик. На твојот глас. На нашите последни мигови. На ветувањето што ти го дадов додека мојот свет се распаѓаше. И продолжував. Поминаа години.

Години исполнети со испити, непроспиени ноќи, стравови, падови, повторни станувања и многу тивки битки за кои знаев само јас. И денес… 02.10.2026.

Мамо, станав доктор.

Денес ја држам дипломата во рацете, но во мислите повторно сум во оној зимски ден. Кај тебе. Кај нашите последни мигови. Кај зборовите што никогаш нема да ги заборавам. Толку многу посакував денес да бидеш тука.

Да те видам меѓу сите лица. Да ја видам твојата насмевка. Да те прегрнам силно и во твоите очи да ја видам гордоста за која мечтаев сите овие години. Колку само го посакував тоа…

Денес не чувствувам дека само сум завршил факултет. Чувствувам дека сум стигнал до првата голема станица на патот што го започнав со тебе. И знам дека некаде од височините ме гледаш. Знам дека денес си прегорда.

Еден ден, кога ќе застанам пред пациент кој се плаши, кога ќе држам нечие семејство за рака во нивниот најтежок миг, во нивните очи секогаш ќе гледам дел од тебе. Затоа што токму од најголемата болка во мојот живот се роди мојата најголема мисија. Мамо, ветувањето го исполнив. И каде и да си — оваа диплома е и твоја“ – напиша Елвин.

Елвин Шакиров
Елвин Шакиров
©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ