Мицкоски порача дека економските резултати се уште една, како што рече, „лоша вест за опозицијата“, која според него не сака да признае дека Македонија бележи напредок.
Премиерот истакна дека не сите проблеми во државата се решени, но дека Владата работи на надминување на наследените предизвици без создавање нови.
Слушај радио Канал 77 во живо онлајн!
„Резултатите по 25-26 месеци излегуваат на површина“
Според Мицкоски, по повеќе од две години работа на Владата веќе се видливи конкретни економски резултати, меѓу кои растот на индустриското производство и стабилизирањето на инфлацијата.
Тој посочи дека растот на БДП од 4,3 проценти во вториот квартал, во комбинација со растот од 3,1 процент во првото тримесечје, носи просечен раст од околу 3,7 проценти во првата половина од 2026 година.
„Повторно ги повикувам оние на социјалните медиуми да почнат да ме исмејуваат, но јас ќе си стојам до мојот став дека ова е едно од четирите најголеми зголемувања на БДП и во првата половина на годината и во второто тримесечие во услови кога имаме за истиот квартал 2025 година 3,5 проценти раст. Словенија има 3,8 проценти раст во вториот квартал годинава, но 0,7 проценти во вториот квартал 2025 година. Пред нас уште се Малта и Данска. Ги повикувам повторно ботовите на опизицијата со нивните политички мочуришта да почнат повторно да снимаат рилсови и да ме исмејуваат, но тоа се фактите, за жал, не можат фактите да ги негираат“, рече Мицкоски.
Владата најавува продолжување на економскиот раст
Премиерот направи споредба и со економските движења во Европската Унија и еврозоната, посочувајќи дека Македонија бележи повисоки стапки на раст во услови кога најголемиот трговски партнер на земјата има значително понизок економски раст.
„Имаме контиуниран раст во услови кога нашиот најголем трговски партнер – Европската Унија и земјите од еврозоната имаат во целина 1,2 проценти, односно еден процент. Ако го погледнете растот на БДП во периодот 2006 -2008 имаме раст од 5 проценти, но тогаш ЕУ и еврозоната растат со толкав или поголем процент, што само по себе говори за политиките на оваа Влада, што претставува уште една лоша вест за опзицијата во Македонија“, изјави Мицкоски при посетата на општина Карпош.
Тој потсети дека 2024 година била завршена со раст на БДП од три проценти, 2025 година со 3,5 проценти, додека во првото полугодие од годинава растот изнесува околу 3,7 проценти.
Градежништвото со најголем раст
Според податоците на Државниот завод за статистика, најголем пораст во второто тримесечје од 2026 година е забележан во секторот градежништво, каде растот изнесува 21,9 проценти.
Пораст од 5,1 процент е регистриран и во секторите уметност, забава и рекреација, други услужни дејности, како и кај дејностите на домаќинствата.
Финалната потрошувачка во второто тримесечје номинално пораснала за седум проценти и учествувала со 83,2 проценти во структурата на бруто-домашниот производ.
Во исто време, бруто-инвестициите номинално се зголемиле за 14,5 проценти, како резултат на растот на инвестициите во основни средства.
Според сезонски и календарски приспособените податоци, стапката на раст на БДП во второто тримесечје од 2026 година, во споредба со истиот период лани, изнесува четири проценти.





