Зголеменото присуство на хлор било резултат на зголемената дезинфекција на водата за пиење
На граѓаните им се препорачува да ја остават да истече од чешмата неколку секунди особено доколку водата подолго време не била пуштена
Од денеска водата во градскиот водовод во Гостивар е безбедна за пиење – соопшти на прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, шеф на Главниот штаб за управување со кризи.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов изјави дека препораката за дозволено пиење на водата доаѓа по добиените задоволитни резултати од лабораториските испитувања од страна на Институтот за јавно здравје и лабораторијата на ЈП Водовод и канализација Скопје на примероците од вода за пиење земени од седум мерни места во понеделник наутро и навечер, како и во вторник наутро.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
– Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува жителите на Гостивар дека од денеска (14 август 2026 година) водата може да се користи за пиење. Водата миркробиолошки беше исправна уште минатата недела, но при извршените испитувања беше утврдено зголемено присуство на резидуален хлор над границите предвидени со правилникот за барањата за квалитетот на вода за пиење од 0,2 до 0, 5 милиграми на литар – рече Миланов.
Објасни дека зголеменото присуство на хлор било резултат на зголемената дезинфекција на водата за пиење и затоа биле потребни допонителни мерки и да се почека за препораката за пиење на водата. Исто така дека во испитувањата на водата биле вклучени комуналното претпријатие во Гостивар и Центарот за јавно здравје во Тетово заедно со ИЈЗ и АХВ.
Прочитајте исто така: Конечно! Гостиварци може да пијат вода од чешма
– Последните добиени резултати од лабораториските испитувања потврдуваат дека водата е микробиолошки и физичко – хемиски исправна односно дека испитаните параметри вклучително и на присуството на резидеален хлор се во границите предвидени со Правилникот за квалитетот на водата за пиење. Со тоа се исполнети условите водата од водоснабдителниот систем во Гостивар повторно да се користи за пиење – изјави Миланов.
Во насока на стабилизирањето и одржувањето на квалитетот и безбедноста на водата се препорачува Јавното комунално претпријатие Комуналец Гостивар да го зголеми производството на сурова вода согласно расположливите капацитети и техничките можности. На граѓаните им се препорачува да ја остават да истече од чешмата неколку секунди особено доколку водата подолго време не била пуштена. Се апелира до граѓаните рационално да ја користат водата особено во период на зголемена потрошувачка.
Прочитајте исто така: Најмалку двапати ја прогласиле загадената вода во Гостивар за безбедна и никој од здравствениот синџир не е ни разрешен, реагираат од Левица
За да докажат дека водата во Гостивар е за пиење Анеглов, директорот на ЦУК Мухамед Али, Миланов и други членови на Главниот штаб се напија од вода од водоводниот систем во Гостивар.
Претходно за најновите информации поврзани со водата за пиење од гостиварскиот водовод седница одржа Главниот штаб за управување со кризи. МИА






