- Страв од нови загадувачи: Граѓаните и локалната власт во Пробиштип се децидни против отворање на нов рудник во близина на градот, посочувајќи на постоењето на старото јаловиште од рудникот Злетово како сериозна еколошка опасност.
- Ставови на стручната јавност: Професорите од Универзитетот „Гоце Делчев“ укажуваат дека источниот регион е рударски крај, но дека мора да се применуваат максимално безбедни, иновативни и суви технологии за одлагање со цел заштита на животната средина и здравјето.
- Развојни приоритети и инфраструктура: Планот предвидува фокус на земјоделството, нови акумулации, зелена енергија (фотоволтаици и ветерници), како и подобрување на патната и железничката инфраструктура и граничните премини.
Денешната расправа вчера во Пробиштип иницира свикување на итна седница по барање на дел од советниците кои инсистирале општината отворено да се изјасни дали е за отворање на рудници. Во Предлог Просторниот план, кој е прв ваков документ по повеќе од 20 години, во источниот регион се исцртани пет точки со минерални наоѓалишта, како потенцијални рудници. Една од тие точки е во градот Пробиштип, каде веќе работи рудникот на Булмак за олово и цинк. Граѓаните на Пробиштип, кои присуствуваа на расправата беа децидни дека не сакаат втор рудник во градот, особено што таму се’ уште стои една од 17-те жешки еколошки точки, односно старото јаловиште од рудникот Злетово.
-Граѓаните и јавноста во Пробиштип не се заинтересирани да имаме уште еден загадувач од тешка индустрија кој ќе биде непосредно над самиот град. Во минатото ние имавме неколку хаварии во рудникот Злетово што оставија тешки последици. Сега овој рудник што потенцијален треба да се да се развие е над самата населба на неколку километри, тука има неколку села на Плавица и со самото развивање на рудникот, самиот рудник кој ќе биде како површински коп, ќе се има флотација, ќе се има јаловиште. Тоа се тешки еколошки бомби, кои во одреден момент може да направат хаварии што ќе предизвика за градот трајни последици, рече Доне Митровски од Пробиштип.
Слушајте радио во живо
Граѓанинот изнесе соменение дека доколку биде отворен рудникот, граѓаните не веруваат во приказните за примена на високи еколошки стандарди во експлоатација на рудата. Канадската компанија Ѓенезиз пред десет години откако ја доби дозволата, спроведе геолошки истражувања, кои покажаа наоди на злато и бакар. Меѓутоа, според градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, тоа е далеку од отворање на рудник, бидејќи, како што рече има процедура која не е ни почната.
-Повеќе од 50 години на овој локалитет неколку странски познати компании кои вршеа детални геолошки истражувања за да детектираат каква е содржината пред сè на злато и на бакар и на други метали. Доколку има некакви најави за отворање на овој рудник, јас како градоначалник ќе бидам првиот којшто ќе застане во заштита на пред сè животната средина. Меѓутоа најважно од сè е здравјето на граѓаните и нема да дозволам дополнително загадување и штетно влијание во нашата општина, бидејќи навистина таму и сега има два поголеми капацитети коишто се тешка и загадувачка индустрија и на Пробиштип не му треба дополнително загадување, рече градоначалникот Тоневски, кој е геолошки инженер по професија.
Прочитајте уште на темата:
Новиот план за просторно планирање на државата во нацрт-верзија, ќе важи до 2040 година
Стручната јавност, во случајов, професорите на Природно-техничкиот факултет од Универзитетот „Гоце Делчев“, кои учествувале во делот од Предлог Просторниот план за секторот минерални суровини, сметаат дека не може да се игнорира фактот дека источниот регион е и рударски крај. Но, треба да реши како ќе го третира овој факт. Професорката Соња Лепиткова, која доаѓа од рударски Пробиштип, рече дека не смее одредена област да се прогласи за „област на смртта“, а одредена индустрија е исклучителна загадувачка и аргументираше дека во Преспа нема рудник, а пак е најдено големо присуство на тешки метали.
-Моето укажување е дека денеска постојат суви технологии на одлагање и тоа треба сите ние граѓаните, не е тоа само за Пробиштип, треба да бидеме свесни ако го бараме за Пробиштип јас како поединец истото да го го барам и за Тетово, и за Гостивар, и за Струмица, и за Скопје. Максимално безбедни иновативни технологии коишто на ниту еден граѓанин во Македонија ќе овозможи максимална заштита. На Касандра на Халкидики се отвори најсовремен рудник во Европа, каде што концесионерот е канадска компанија, не е грчка, канадска компанија… меѓутоа која што е обврзана да отвора суво јаловиште. Тоа сакам да го кажат суво одлагање кое понатаму повторно има рециклирачка, циркуларната економија завршница на материјалот. Тоа треба да бидат нашите тенденции, рече Лепиткова.
Прочитајте и за ова:
Николоски: Се работи на нов просторен план, стратешки документ за развој на државата
Дел од граѓаните изразија загриженост за тоа зошто рудниците, а не земјоделието не е меѓу приоритетни области, на кои ќе се потпира проектираниот развој во источниот регион. Беше кажано дека токму пчеарството и рибарството, а потоа и одгледувањето на свињи се водечките перспективни области. Проекциите се дека климатските промени ќе остават последици по земјоделските култури, поради што инвестициите во наводнувањето треба да бидат одговор. Во источниот регион се планираат пет нови акумулации на реките Брегалница, Осојница и Козјачка река.
Планирани се два нови гранични премини со Бугарија Ајдучки кладенец и Црна скала. Изградба на експресниот пат Кочани – Виница – Делчево, продолжување на железничката пруга кон Кочани – Делчево Бугарија и ревитализација на постоечката од Велес – Штип – Кочани. Зелената енергија е потенцијалот за источниот регион во вид на фотоволтаици, ветерници и искористувањето на геотермална енергија.
Економските потенцијали се гледаат во можниот пораст во земјоделството, туризмот и заживување на текстилната индустрија. Се препорачуваат активности за задржување на младата работна сила преку мерки за обезбедување на станбен простор, подобрување на здравствените услуги и други стимулации, кои ќе ги мотивираат младите да останат во местата каде се родиле.
Исто така, се забележува на недоволната искористеност на ТИРЗ зоните, кои треба да се претворат во зелени зони.
По завршувањето на серијата јавни расправи во сите осум плански региони и се внесат забелешките од расправите, следуваат нови јавни расправи, овој пат за Стратегиската оценка за влијание по животната средина и здравјето на луѓето.
Веќе шест години како е истечен Просторниот план, па овој нов документ треба да внесе нов поглед на плановите за развој и проекција на очекуваните промени. На документот работеле околу 190 доктори на науки и е највисок стратешки и плански документ за уредување, организација, користење и заштита на просторот на државата. Тој ја дефинира долгорочната визија за рамномерен регионален развој, демографски движења, економска ориентација и заштита на животната средина.
В.К.






