Името на Иле Гоцевски, возач во кочанската Служба за итна медицинска помош стана познато за пошироката јавност по големата кочанска трагедија по пожртвуваноста и хуманоста, но остана запишан како уште една жртва. Гоцевски почина по долгото дежурство и превезувањето на повредените. Регионалниот актив на новинари при ЗНМ – Исток му додели постхумно признание на Гоцевски. Покрај на пожртвуваниот возач, признанија добија институции и организации кои дадоа огромен придонес во справувањето со последиците од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс”.
Иле Гоцевски
Постхумното признание му беше доделено на Иле Гоцевски, кој кобната ноќ неуморно превезуваше повредени млади луѓе до здравствените установи во Скопје. По повеќечасовната борба за спасување човечки животи, неговото срце не го издржа огромниот физички и психички напор и тој почина.
„Support – Кочани
Признание доби и граѓанската иницијатива „Support – Кочани”, која беше формирана веднаш по трагедијата и организираше собирање донации и хуманитарна помош за повредените и семејствата на загинатите.

Општата болница – Кочани и Клиничката болница – Штип
За брзата организација, професионалниот пристап и несебичната грижа за повредените, признанија добија и Општата болница – Кочани и Клиничката болница – Штип.
Црвениот крст – Кочани
Признание беше доделено и на Општинската организација на Црвениот крст – Кочани, за исклучителната организација, пожртвуваноста на вработените и волонтерите, како и за нивниот значаен придонес во обезбедувањето помош за настраданите и нивните семејства во најтешките часови по трагедијата.

Со овие признанија, Регионалниот актив на новинари при ЗНМ – Исток им оддаде заслужена почит и благодарност на луѓето и институциите кои со својата хуманост, професионалност и несебичност беа светла точка во еден од најтрагичните настани во поновата историја на Кочани.
Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија или Фондацијата Метаморфозис.








