Општината заедно со ЈП „Комуна“- Крушево и понатаму врши редовно хлорирање и проверка на количините на хлор во водата
Упатуваме апел до сите, најмногу до туристите, дека и во наредниот период продолжуваме со редовни и вонредни контроли на исправноста на водата за пиење
Проблемот со водоснабдувањето на Крушево трае повеќе од 30 години и во изминатите години повеќе пати сме се соочувале со истиот проблем, вели градоначалникот Нико Чонески за Канал77.мк по објавата од Центарот за јавно здравје – Прилеп дека водата е микробиолошки неисправна за пиење.
Примероци биле земени од чешмите Св. Петка, Крајпатна бензинска, реонот на Црешово Топче, Стара Црква и реонот под хотел „Монтана“. Сите покажале дека крушевчани наместо од чешма вода ќе пијат од пластични шишиња.
Градоначалникот, кој во моментов е на службено патување, на прашањата на Канал77.мк одговори дека будно ја следи настанатата состојба и превзема дополнителни мерки за разрешување на ситуацијата.
-Ова не е нов проблем, туку со истиот сме се соочувале повеќе пати во минатото. Водата секојдневно, 3-5 пати се проверува за присуство на хлор, со соодветно документирање од резултатите. Додека, два пати месечно се проверува бактериолошката исправност од страна на Центарот за јавно здравје. Општината заедно со ЈП „Комуна“- Крушево, за надминување на оваа состојба и понатаму врши редовно хлорирање и проверка на количините на хлор во водата.
Прочитајте исто така:https://kanal77.mk/vodata-vo-krushevo-neispravna-za-pienje/
Дополнително, од Центарот за јавно здравје е побарана и вонредна контрола и проверки на бактериолошката исправност на водата. Првото испитување покжа дека водата е во ред, дека е водата е исправна за пиење. Ги очекуваме резултатите од второто и третото последователно испитување на водата, после што граѓаните ќе бидат информирани за исправноста на водата за пиење. Неофицијално, водата е бактериолошки исправна, но ги замолуваме граѓаните, сѐ уште да се придржуваат кон дадените препораки за термичка обработка на водата пред употреба, вели тој.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Како и останатите водоводи во државата и водоводот во Крушево е стар над 60 години.
-Да, водоводот во Крушево датира од шеесетите години. Проблемот со водоснабдувањето на Крушево трае повеќе од 30 години наназад. Во изминатите години, Крушево повеќе пати се соочувало со истиот проблем. Се надеваме дека, конечно напорите на општината и комуналното претпријатие за зафаќање на дополнителни гравитациони извори, ќе вродат со плод, секако со помош на Владата на РМ. Во моментов се очекува да започнат инвестиции во реконструкција на дел од водоснабдителниот систем. Интензивно се работи на намалување на количините на неприходувана вода. А посебно, се превземаат интензивни активности за намалување на загубите за вода од гравитациони извори, вели градоначалникот и упати апел и до жителите на градот и до туристите:
-Упатуваме апел до сите, најмногу до туристите, дека и во наредниот период продолжуваме со редовни и вонредни контроли на исправноста на водата за пиење и дека нема простор за паника. Крушево е отворено за туристите во текот на целата година и интензивно работи на збогатување на туристичката понуда на градот, додаде тој.
В.М.






