Трамп тврди дека Иран со нуклеарно оружје би можел да претставува закана и за Европа.
Американскиот претседател ја критикува Британија што не се вклучила во конфликтот со Иран.
Во интервјуто повторно го нападна Лондон, градоначалникот Садик Кан и британската имиграциска политика.
Доналд Трамп повторно предизвика реакции во Велика Британија со серија остри изјави во интервју за британската телевизија „Џу Би њуз“, во кое тврдеше дека американската воена акција против Иран ја заштитила и Европа.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
„Јас ја спасувам и вашата земја од заканата…Бидејќи ако Иран имаше нуклеарно оружје, поверојатно е дека би го употребил во Европа, до каде што можат да достигнат иранските ракети“, посочи американскиот претседател.
Трамп повторно ја исмејуваше неподготвеноста на Велика Британија за вклучување во конфликтот со Иран и навести дека САД би можеле да ја преиспитаат поддршката за Лондон во прашањето за Фолкландските Острови.
„Не заборавајте дека добивате голем процент од вашата нафта преку Ормуската Теснина, а вие не бевте таму за да ми помогнете“, нагласи Трамп.
Трамп ја поврза Британија со конфликтот околу Ормуската Теснина
Ормуската Теснина останува едно од најчувствителните жаришта во односите меѓу Вашингтон и Техеран и важен коридор за светскиот транспорт на енергенси.
Изјавите на Трамп доаѓаат во услови на продолжена воена напнатост меѓу САД и Иран, по американската и израелската офанзива за која Вашингтон и Тел Авив тврдат дека имала цел да го спречи Иран да развие нуклеарно оружје.
Нарушувањата на поморскиот сообраќај во Персискиот Залив веќе имаа последици врз светските економии и придонесоа за раст на цените на горивата.
Нови критики за Лондон и Садик Кан
Имиграцијата и безбедноста во Лондон беа уште една тема на која Трамп упати остри критики во интервјуто.
Американскиот претседател предупреди дека Велика Британија ризикува да ја изгуби контролата врз сопствената држава доколку не го запре, како што рече, масовното навлегување на луѓе од целиот свет.
Тој тврдеше дека во Лондон постојат делови каде што полицијата се плаши да патролира и повторно го нападна градоначалникот Садик Кан, со кого со години има затегнати односи.
„Ако поминете низ Лондон, Лондон е сосема различно место. Имате ужасен градоначалник. Тој е гаден човек, непријатен човек. Тој е многу лош градоначалник. Имате криминал што е многу висок, а Лондон е многу различно место – ако земете некого од пред 15 или 20 години и го однесете во Лондон, тој нема да разбере што се случило. Толку различно место“, изјави Трамп.
Трамп и за принцот Хари и кралот Чарлс
Во интервјуто, американскиот претседател се осврна и на британското кралско семејство.
Трамп изјави дека доколку бил крал на Велика Британија, не би ги „вратил“ принцот Хари и Меган.
„Тој е многу подобар човек од мене“, рече Трамп за кралот Чарлс Трети.
Неговите коментари уследија нешто повеќе од една недела откако војводата и војвотката од Сасекс се вратија во Велика Британија по шест години поминати во САД.
Изјавите на Трамп повторно покажуваат дека неговите односи со Велика Британија не се ограничени само на традиционалното сојузништво меѓу двете земји. Од Иран и Ормуската Теснина, до Лондон, имиграцијата и кралското семејство, американскиот претседател отвори низа чувствителни теми во едно интервју.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА








