Каја Шукова, кандидат за градоначалник на Скопје од СДСМ, има многу квалитети и како човек и како жена, но се чини највпечатливи се пристојноста, отвреноста и комуникативноста. Иако дипломирала на Технолошкиот факултет над 20 години работи во Министерството за животна средина, каде ги поминала сите скалила-од вработена по договор на дело до министер.
Но, сега се нафаќа да ги решава проблемите на градот и ако победи на изборите ќе биде втора жена градоначалник. Со неа разговаравме „по женски“, кафе муабет, за работата, за семејството, љубовта.., за се она што значи жената денес.
Од каде името Каја, сепак, кај нас стана популарно последните неколку години?

-Крстена сум по баба ми, во 70-тите години немаше многу такво име. Јас сум прва внука од страната на татко ми и логично било да ми го дадат името на баба ми, таква е традицијата од гевгелискиот крај од каде потекнувам. Татко ми е роден во Скопје, но потекнува од Гевгелија, од каде е и мајка ми.
Гевгелија стана атрактивно место за селидба, потопло време, поблику до море…? Колку често одите, особено преку зима кога во Скопје не се диши?
– Јас секое слободно време го користам за да отидам таму. Сега многу почесто, бидејќи Горан, мојот втор сопруг е од Гевгелија. Тој до пред 15 години живееше во Гевгелија, а потоа се пресели во Скопје. Горан ми беше средношколска љубов и повторно се најдовме после 25 години. Двајцата зад себе имавме неуспешни бракови, се најдовме после толку време и еве веќе 15 години сме заедно. И не само заради Горан, јас навистина го сакам тој крај. Многу е попитом, луѓето се многу попитоми, отворени и дружељубиви. Често сме или во Гевгелија или во Дојран. Храната е супер, а имаме и пријатели.
Не ви дошло на идеја да си произведувате органска храна?
-Години наназад размислувам за стакленик, во кој во моите подоцнежни години нешто ќе произведувам. Пред се сум размислувала за производство на цвеќиња, бидејќи јас многу сакам цвеќе. Не знам дали тоа некогаш ќе се оствари , но најверојатно кога ќе се тргнеме од политика. А има многу слободна, за жал, многу слободна земја и необработена. И Гевгелија и Богданци. Ние имаме многу плодна земја, сончеви денови и вода. Имаме услови за производство за органски производи. Жално е што младите не се насочуваат кон оваа гранка. Години наназад само администрација, администрација. Со неубави пораки младите ги насочивме кон администрација а требаше кон земјоделието.

За жал кај нас да се биде земјоделец, особено млад човек воопшто не е популарно..
-Не. Јас капа им симнувам на младите кои последниве години почнаа во тој сектор. Имаме земја, имаме вода. Водата е нешто што треба да е достапно за сите. Но, тоа не значи дека водата за пиење треба да ја користиме за поливање, полнење базени, ливади… Скопје има пунктови од каде треба да се влече техничка вода. И општините мора да им обезбедат таква вода за полевање. Јас и во програмата ставив одржување на постојната инфрастуктура. Ние ништо не одржуваме. Прво мора она што го имаме да го зачуваме.
Дома негувате цвеќе?
-Јас живеам во стан и не можам баш. Но, кај татко ми во Тафталиџе има убава голема тераса и имаме цвеќиња. Секоја пролет одиме заедно и купуваме нови. Нема поубаво од тоа наутро на тераса, додека градот спие, да пиете кафе и да гледате во цвеќе.
Што ве натера да влезете во политиката?
-Јас до пред пет години не бев член на ниедна партија, но влегов на барање на СДСМ. Ме побараа да им помогнам во делот на животна средина. Заев ми се јави и ми рече: „ни требаат луѓе за животна средина“. Си реков сега на 50 години допрва во политика? Но, реков ајде, имам искуство, можам да помогнам. Не влегов заради функција туку заради тоа што побараа помош. Си реков ете добро е некој го цени тоа што јас со својата глава и со своите две раце сама го направив за овие 20 и кусур години. Никогаш не сум бркала позиции. И сега не ми е престиж функцијата. Од она што го видов годините во централната власт, знам кои се недостатоците на локалната самоуправа.

Ова се премногу обврски за жена, како успевате?
-Моите две ќерки се веќе големи. Едната работи и е пред магистратура, другата студира. Изградени личности се. Јас децата од многу мали ги воспитав така да секој треба да биде свој. Дека помош од родител се бара кога навистина треба, а не родителот да ги пишува домашните, да им ги средува собите. Знаат да готват од многу мали. Така сум научена јас, така ги научив и нив. Јас уште во основно школо добивав задачи од мајка ми. Таа ќе го почне јадењето, јас требае да го доправам. Тогаш имаше ред, се знаеше дека во 15 часот се враќаа родителите од работа и цело семејство ручаше заедно. Јас навиките што ги стекнав од своите родители ги пренесов на моите деца. Самостојни се. За еден родител навистина е сатисфакција кога ќе видите дека децата си го фаќаат својот пат. Ги научив дека треба да се борат во животот, да си го сочуваат интегритетот и заради ништо не смеат да си го погазат, дека кога навистина имаат проблем и не можат да најдат решение тогаш да ми се јават. Не може секогаш да бараат помош и од мене па и од нивниот татко, иако не сме заедно веќе толку години.
Колку беше тешко сама да воспитате две женски деца?
-Ако сакате ништо не е тешко. Ако поставите ред, точно секој треба да знае што да направи, да се знае што е улога на мајката, а што на децата.Факт е дека тие мене многу ми помагаат. Беа многу отворени, транспарентни, никогаш не се срамеа од разводот, бидејќи такви ситуации се случуваат. Им објаснив дека сме се сретнале млади, сме се развивале можеби во различни насоки, дека тоа не е ништо погрешно. Дека подобро да имаат здрави и прави родители кои ќе имаат нормална комуникација отколку да имаат семејство во кое можеби ќе има карање и недоразбирање. Дека не е убаво во таква средина да живеат. Тешко им беше првите години, но со време разбраа. Јас секогаш сум била многу отворена со своите деца за се.

Никогаш ништо не сум криела. Не сум го криела и тоа што ги болело да го слушнат и убави работи. Некогаш и ми коментирале дека можеби сум преотворена, но мислам дека тоа е единствениот начин како може да изградите вистински здрави деца кои утре ќе имаат отворен однос кон се. Да разликуваат што е добро а што лошо. Ако се обидувате лошото да им го прикриете тоа лошо еден ден ќе им направи проблем, нема да можат да се соочат со тоа. За се сме разговарале и за односот кон луѓето и за односот кон животните. Јас сум љубител на животни и тоа го наследија од мене. И моите деца ги ранат уличните кучиња како што правев јас.
Какви совети од вас добија ќерките за љубовта?
-Дека без љубов не треба да помине животот. Дека треба да бидат отворени и искрени. Дека можеби ќе поминат низ повеќе врски додека ја најдат вистинската. И да не се разочаруваат. Понекогаш, поради сплет на околности, можеби и некоја искрена љубов нема да опстане. Понекогаш најмалку како што очекувате, каков што е мојот случај, ќе најдат вистинска љубов. А можеби и ќе се врати после толку години. Животот е непредвидлив. Јас ги научив дека живото е убав и дека треба да се стремиме кон убавите работи. Дека малите и ситни работи како што е кафето со пријателка, семејни ручеци.., се работи кои што го прават животот убав. Јас со таква мисла легнувам, со таква станувам. Јас знам да гледам во дрвјата додека треперат. Пораснав во населба кај што има дрва и птици. Секое утро ги слушавме со татко ми. Ако се научиме да живееме со лаги и потиснување на проблемите само уште поголем проблем ќе си направиме во животот.
Среќна сте, кога станува збор за љубовта?

-Да. Со Горан додека бевме средно бевме во врска. Ама тогаш бевме многу млади. Во тоа време немаше мобилни телефони, потешка беше комуникацијата. Јас одев во Гевгелија и се враќав во Скопје, а Горан таму. Далечината го направи своето. И потоа, по повеќе од 25 години случајно се сретнавме во Скопје и проработеа емоциите. Најдов љубов и внимание повторно кај Горан и навистина овие 15 години колку што сме заедно си живееме убаво. Горан како човек е отворен и добронамерен. Децата не дружат на одморите. Особено на кампување. Јас сум порасната во камп и моите деца ги пораснав во камп. Еден период имавме друг тип на летување, но сега на инсистирање на моите деца повторно се вративме на кампувањето. Цел ден на отворено, со луѓе, многу пријателства дружби, кафиња, ручеци… И убаво и поефтино. Од пред година и пол имаме и најмлад член на семејството, тоа е Дина малтезер и таа ужива во камп. Мислам дека кога ќе тргнеме точно знае каде одиме. Навистина кампувањето е посебен тип на летување.
Што најчесто сакате да готвите?
-Готвам се. Не месам често иако и тоа го знам. Ќерките исто така знаат да готват. И многу сакаат кога ќе направат нешто да пробам. Тоа многу им значи. Доста сум спретна во кујна, знам да правам паралелно неколку работи. И брзо. Ама има се и супа и главно јадење и салати.
Покрај сите овие обврски колку имате време лично за вас… ? На кафе со пријателки, посета на салони за убавина, читање книга…
– Ако добро си го организирате времето секогаш ќе има време за се. Точно ќе си направите распределба. Ќе си кажете- во денот овие два часа мора да бидат за мене. Сите останати обврски ќе бидат во останатите часови. Важам за добар организатор. Тоа особено го видов кога бев државен секретар и миниситер. Сметам дека тоа ми е една од подобрите карактеристики. Во салони не одам често, го правам само она основното.
Дојде време за ботокс или го заобиколувате?
-Не сум од тие што практикуваат ботокс. Сега можеби ќе ми се налутат, но сметам дека природната убавина е најубава. Нормално е во годините после 40, 50 да се појави некоја брчка. Тоа ја покажува вашата личност покажува дека сте во зрели години и не треба да се срамиме од тоа. Има личности кои сакаат да изгледаат помладо и јас го почитувам тоа. Секој со своето. Јас не сум од тие кои го практикуваат, ниту, пак, ќе бидам. Така ги учам и децата. Основна нега за да се одржи свежината на кожата треба да се прави од помлади години. Гледам косата да ми биде средена, имам природни нокти, не ставам вештачки ама тоа е подарок од природата. Мислам дека треба да се изгледа пристојно во секое време. Не сум од оние кои се шминкаат за да одат во маркет. Генерално и не се шминкам многу, само малку свежина.
Сакате брендови или повеќе сакате облека во која се чувствувате пријатно?

-Знам понекогаш да купам бренд ама само ако ми се допадне моделот. Не ми е важно дали е бренд, поважно ми е да изгледа спортско и елегантно. Спортска елеганција е мојот стил. Не носам често високи потпетици, тоа го правев кога морав, кога одев по состоноци. Штиклите ми останаа од министерското време, понекогаш ги носам. Но, повеќе сакам поедноставно, поприродно, ненападно. Никогаш во животот не сум купила жолта, црвена, јака зелена боја. Повеќе ги сакам пастелните бои, некако ми е попријатно со нив. Многу сакам бела боја, особено летно време. И поскромно да е. Брендовите никогаш не ми биле предизвик. Убаво е понекогаш да имате парче ама само ако ми се бендисува моделот, не само затоа што на него стои бренд.
Подготвена ли сте за примопредавање на функцијата со Арсовска? Сепак, доколку победите ќе бидете втора жена градоначалник на Скопје.
-Секако мора да има почитување на било кој претходник, особено кога е жена. Без оглед на се она што се случуваше овие четири години, колку граѓаните беа задоволни или не, тоа ќе го оставиме на годините што изминаа. Треба да се направи почит и респект на она што било пред тебе. Иако пред се сметам дека треба да му се вратат функциите на Градот, да се врати функционалноста на Јавните претпријатија. Видовме што значи инаетење и политички интереси и како за четири години се девастира еден град.
Ама и Вие доколку станете градоначалник сте контра актуелната власт?
-Да ама јас како министер покажав дека може да се работи со сите. Тоа многу добро го знаат и градоначалниците на ВМРО ДПМНЕ, кои постојано ми се јавуваа и прашуваа како да си го решат проблемот. Јас на никого не затворив телефон, на сите им помогнав без оглед од која партија е. Секој кој ме повика, кај секој отидов. Не сум од тие кои ги делат луѓето по партиска или верска припадност, туку работев со сите, па така планирам и да продолжам. Ако немам поддршка од централната власт, ако немам поддршка од Советот, јас тоа од прв ден транспарентно ќе го споделувам. Се ќе споделам. Но, јас сум поразличен карактер од Данела. Јас проблемите не ги кријам, јас за нив зборувам, и се обидувам да најдам начин како да ги решам. Јас не се карам, не сум конфликтна.
Како сега граѓаните ќе имаат повторно доврба во градоначалничка-жена?
-И мене често ми велат по неуспешен градоначалник жена, сега пак жена. Не треба да гледаме на полот. И после многу неуспешни мажи градоначалници дошле успешни мажи градоначалници. Зад мене имам кариера за која сум добивала признанија за тоа што сум го првела, не само од граѓаните туку и од дипломатите. Тоа ми беше сатисфакција, она што го правам да го препознаат луѓе од надвор. За жал многу често странци не препознаваат и за жал граѓаните ги препознаваат само врз основа на партиска припадност. Не е важно дали Каја е од СДСМ, важно е што направила прво со своите две раце и глава, на кого се се обидела да помогне. Нема да бидам затворена и нетранспарентна, ќе се обидувам да ги решавам проблемите. Да се мобилизираат и млaди луѓе, да не им биде единствена мисла да си заминат. Тоа што е добро треба да остане. Јас во Америка пиев вода од пречистителна станица. Значи се може да се направи. Не треба ништо да измислуваме, само треба да го примениме.

Во овој наплив на иселување на млади, како успеавте да ги задржите вашите ќерки во Македонија?
-Во ниту еден момент не посакаа да одат надвор. Веројатно е до односот и до тоа како ќе им презентирате дека и во сопствената држава може да направат многу повеќе од она што се презентира во јавноста. Никогаш не посакаа да одат на приватен факултет. И двете студираа на УКИМ. Јас студирав на УКИМ и татко ми студираше таму. Им пренесов дека за мене се уште државните универзитети се оние кои можат да ви понудат посоодветно знаење. И двете завршија на државните универзитети и не рекоа- одиме надвор. Зошто? Заради тоа што им кажав дека вистинските вредности се во семејството и дека семејството треба да биде во близина. Не ги осудувам тие што замина, заминаа бидејќи системот не функционира. Голем дел од нив затоа што финансиски не беа стабилни. Млади брачни парови се мачеа со денови да извадат извод за бебето, од прв момент се соочуваат со бирократија, која знае да биде неефикасна . Јас со тоа се соочував и кога бев министер.
Иако сте релативно млада, сепак, подготвени ли сте за уога на баба?
-Едвај чекам. Многу се радувам на оние кои се моја генерација а кои веќе станаа баби и дедовци. Нивната радост мислам дека е и моја радост. Поголемата ќерка сега ќе полни 29 години и и велам-ајде време е! Едвај ја чекам новата улога. Имам трпение со деца, ги сакам децата. Не сум од тие кои нема да им обрнуваат внимание на внучињата, ќе помагам колку можам , сепак сум тука, ќерките се тука и ќе се договараме. Треба родителите да се грижат за сопствените деца, да го дадат максимумот а ние сме тука да помогнеме кога навистина нема да можат. Сепак сме семејство, заедно сме за важни празници. Не со пренатрупани трпези. Ја почитувам традицијата, децата се радуваат во тоа. Треба да имаме верба во поубаво нешто. И верба во луѓето, секогаш може подобро. Да зрачиме со позитивна енергија…
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски







