Кочани е еден од градовите каде со голема неизвесност се зборуваше за потенцијалните кандидати за градоначалник. Вчера беше објавена и информацијата за кандидатурата на Жаклина Филипова – Свеќаровска за градоначалник од редовите на Левица. Филипова – Свеќаровска е актуелна советничка во Советот на општина Кочани. Зборувајќи за мотивите за кандидатурата, таа сподели дека во 2015 година доживеала многу тешка повреда и одблиску го видела, како што рече гнилиот здравствен систем. Ова е еден од мотивите да почне борба против системот.
-Имам два импланти во вратот, два пршлени не се мои и во тој период престојував многу време во болница и можев да ја видам целата гнилост на македонските болници. Како некој кој имал 15 години работен стаж со плаќање на придонеси, исто така и мојот сопруг сме дале многу пари за здравствена заштита, јас не си ги најдов никаде. Ниту во скинатите душеци, ниту во тоа што не можам да се снимам, немањето можност операција да ми се направи. Се оперирав во странство. Кредитот за операцијата денес го плаќам. И бидејќи преживеав и нема да застанам во борбата, рече Филипова Свеќаровска во емисијата Стадион на Канал 77.
Во однос на дискотеката „Пулс“, во која загинаа 62 млади, како советник имала прилика да ги следи извештаите на Полициската станица Кочани што според закон, два пати годишно се поднесуваат во Советот на општината.
-„Пулс“ никогаш не беше спомената во полициските извештаи за Кочани кои беа крајно розови, официјално никој не знаеше што се случува таму. Во тие полициски извештаи никојпат дискотеката „Пулс“ не била спомената како место на некое случување. Извештаите беа крајно розови. Забележуваме дека не е се’ во ред со градот, дури и мое советничко прашање до лицето кое треба да одговара од Полициската станица дека очигледно е оти се намалува стапката на малолетничко престапништво, очигледно тие го намалиле обемот на работа, но во градот беше сосема обратно. Дискотеката никогаш не била спомената како потенцијално жариште, изјави Филипова Свеќаровска.
Како што рече, овој случај е доказ дека канцерот на корупцијата до толку зафатил системот, што ја изгаснал секоја трошка на свест и од со тој факт треба да се соочиме, не смее да беа градот.
-Како кочанчани сме дозволиле работите да одат до таму, дел од моќниците да ги искористат сите можни глувчји дупки. Тоа е тешка шлаканица за целото македонско општество, а една тешка рана за Кочани. Ќе треба многу време, многу работа, ама нема да помине без да застанеме и да погледнеме каде сме. Тешко се живее со голема болка, рече Жаклина Филипова – Свеќаровска, кандидат за градоначалник на Кочани во Стадион.







