Во време кога инфлацијата станува се поголем предизвик за македонските домаќинства, економистите предупредуваат на можни намерни политики кои ја одржуваат високата цена на животот.
За да добиеме подлабок увид во ова прашање, разговаравме со професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот Институт за меѓународни економски студии.
Зошто сметате дека Владата намерно ја крева инфлацијата? Кои конкретни економски потези се најголем показател за тоа?
Затоа што сè што Владата правеше во врска со инфлацијата изминатите година дена ја разгоруваше инфлацијата, наместо да ја смирува. Прво беше есенската кошничка, која ја донесоа во време кога инфлацијата веќе неколку месеци се беше стабилизирала под 3%. По само месец-два од кошничката, инфлацијата пак скокна на преку 4%, затоа што фирмите ги кренаа цените на производите кои не беа во кошничката, што Владата немо го посматраше.
Потоа, кога луѓето организираа бојкоти на маркетите, Владата наместо да застане на нивна страна и да прати инспекции во маркетите, се караше со Синдикатот и викаше дека нивната кошница не била точна. На крајот, кога под притисок на јавноста мораше да ги замрзне цените во февруари, кога сфати дека тоа успеа да ја стави инфлацијата под контрола, по само два месеца ја укина мерката, што повторно им дозволи на фирмите да ги вивнат цените.
Така што, јас гледам само две можни објаснувања за ова – или е Владата колосално неспособна и прави сè што е погрешно во врска со инфлацијата, или просто на сака да ја стави инфлацијата под контрола, затоа што тоа им одговара. Бидејќи не верувам дека се толку неспособни, мислам дека е вторава опција.
Дали ова е стратегија за краткорочен политички интерес (на пример, полесно отплаќање на јавниот долг преку инфлација)?
Апсолутно. Мислам дека имаат три мотиви.
Првиот е дека инфлацијата им го полни буџетот. Инфлацијата е позната како скриен данок, затоа што повисоките цени значат и повисоки приходи од ДДВ.
Вториот е дека инфлацијата го намалува долгот. Конкретен пример – имате јавен долг 9 милијарди евра и БДП 15 милијарди, јавниот долг ви е 60% од БДП. Земете нова милијарда долг, и БДП ви порасне поради инфлацијата исто така за милијарда – јавниот долг се зголемува само малку, на 63%. И вие викате дека долгот ви останал скоро ист, а всушност пораснал за цела милијарда. Затоа и унгарската милијарда која ја земаа лани не се гледа многу во податоците, затоа што инфлацијата го напумпа БДП.
Третиот мотив мислам дека е најсуптилен, а тоа е дека инфлацијата ѝ дава на Владата можност да ги обвинува трговците за алчност и на тој начин да ја префрла одговорноста на нив, па дури и да дефокусира од други теми. Граѓаните не протестираат против Владата поради високите цени, протестираат против супермаркетите. Владата тоа дури може и да го поддржи, може од време на време да каже – еве ние пробуваме сѐ што можеме, воведуваме разни кошнички, ограничуваме маржи, замрзнуваме цени, ама алчниве трговци пак ги креваат цените, така што не е до нас, до нив е.
На трговците ова не им пречи, затоа што на нив не им е гајле што мислат луѓето за нив, важно им е само профитите да им растат. Така што, мислам дека станува збор за своевидна игра, односно театар, во кој Владата глуми дека прави нешто за граѓаните, а всушност свесно им дозволува на бизнисмените да си ги зголемат профитите.
Како ваквото намерно кревање се одразува на стандардот на населението?
Нема никаква дилема дека се одразува негативно. Еве конкретна илустрација. Лани во јуни, пред да дојде новата Влада, минималните месечни трошоци за едно четиричлено семејство, според Синдикатот, беа околу 60.300 денари. Оваа година во јуни тие се 64.700, или 4.400 денари повеќе. Минималната плата во овој период е зголемена за само 1.800 денари. Просечната плата е зголемена за 3.500 денари, што пак е помалку од растот на цените. Така што, нема дилема дека куповната моќ на луѓето е намалена.
Или низ призма на просечната плата. Лани во јуни, растот на реалната плата (плата коригирана за инфлацијата) беше околу 11%, затоа што претходната Влада ги покачи платите пред изборите. Оваа година во јуни, растот на реалната плата е под 4%. Стрмоглав пад. Ако нема промена наскоро, реалниот раст ќе стане и негативен.
Како ова се одразува на малите бизниси кои и онака едвај преживуваат?
Да, и ова е важно прашање, кое честопати се заборава. Инфлацијата не ги погодува само граѓаните и сиромашните, таа ги погодува и малите претпријатија, и тоа поради три причини.
Првата е што им ги зголемува трошоците за работење – растот на цените не секогаш значи раст на профитите. Само мал број фирми, особено големите, имаат раст на профити поради инфлацијата. За најголем дел од малите фирми инфлацијата значи зголеми трошоци за работење – повисоки сметки за струја, поскапи репроматеријали, повисоки камати.
Втората причина е што инфлацијата креира неизвесност – не знаете какви ќе бидат цените утре, колку ќе трае таа состојба и слично, што на малите фирми не им одговара, затоа што не можат да влезат во нови проекти, да добијат заеми од банките, да вработат луѓе.
И третата е што поради инфлацијата, малите фирми се принудени да ги зголемат своите продажни цени, што ја намалува нивната конкурентност, особено на странските пазари. Кумулативната инфлација помеѓу 2022 и 2024 година во Македонија беше околу 28%. Во Европската унија беше околу 17%. Тоа значи дека македонските производи станале поскапи на европскиот пазар за отприлика 11% овие три години. Или – нивната ценовна конкурентност е намалена за околу 11%. Само мал број на луѓе и фирми профитираат од инфлацијата, најголем дел страдаат, но проблемот е што оние што профитираат се моќни и ги имаат политичарите во џеб.
Како се однесува Народната банка во овој контекст и колку таа може да ја контролира инфлацијата?
Народната банка реално нема што многу да прави во врска со оваа инфлација, затоа што таа влијае на страна на побарувачката, односно кога инфлацијата доаѓа од тоа што луѓето многу трошат, а оваа инфлација моментално доаѓа од страната на понудата, односно од тоа што фирмите ги креваат цените, дали за да си ги зголемат профитите, дали затоа што имаат зголемени трошоци.
Така што, дури би било и штетно доколку Народна банка сега ги крене каматните стапки поради оваа инфлација, затоа што тоа нема да ги спушти цените, туку само ќе ги погоди граѓаните уште повеќе.
Она што можеби може Народна банка да го направи е – да влијае на Владата, да ги убеди дека треба да се грижат за инфлацијата, дека треба да преземат мерки за да ја стават под контрола.
Што би требало да се направи системски за да се врати стабилноста на цените?
Да се повтори она што функционираше изминатите 3 години. А единствените периоди кога инфлацијата се стабилизираше изминатите 3 години беа кога Владата ги замрзнуваше цените. Го видовме тоа и во февруари сега. Во јануари и февруари, инфлацијата беше околу 5%. Откако Владата ги замрзна цените, во март и април веднаш падна под 3%.
Така што, Владата само треба да го повтори она што го направи во февруари, но да ја држи таа мерка подолго време, не само два месеца. Барем пола година, а можеби и повеќе, додека инфлацијата не се стабилизира на околу 2% неколку месеци. Да, тоа можеби ќе им ги намали приходите во буџетот, и сигурно нема да им одговара на крупните бизниси, но ќе им одговара на 99% од луѓето, а тие се секако најважни.
Кристијан Трајчов









