Министерството за внатрешни работи го започна пилот-проектот „Безбеден град“, систем што во реално време ќе ги регистрира сообраќајните прекршоци преку мрежа на интелигентни камери поставени низ главните сообраќајници.
Додека јавноста ја следи првата фаза во која се изрекуваат само опомени, се отвораат бројни прашања за тоа дали овој модел навистина ќе придонесе кон намалување на сообраќајните несреќи или ќе остане само уште еден механизам за санкционирање. Разговаравме со сообраќајниот инженер Роберт Рогожаров, кој предупредува дека системот е функционален, но дека превенцијата — клучниот елемент за подобра безбедност — е целосно изоставена.
Како гледате на основната намена на системот „Безбеден град“?
Намената за кој системот ќе биде ставен ќе ја врши работата, тоа е утврдување на состојба и казнување на оние кои направиле прекршок. Сепак, во оваа ситуација превенцијата е она што е изоставено. Тој што ќе го направи прекршокот само ќе биде казнет и толку, а превентивно самата казна треба индиректно да делува што, според мене, е малку несвојствено. Ако станува збор за превенција, оваа постапка е задоцнета бидејќи превенција нема – ако направиш прекршок ќе добиеш казна и тука завршува сѐ. Колку казната ќе влијае на превенцијата во иднина ќе остане да се види.
Дали системот може да влијае на однесувањето на возачите на долг рок?
Логиката вели дека овој систем треба психолошки да делува на оние кои ќе прават прекршоци. Ако добиеш казна и истата ја платиш, логично е наредниот пат да внимаваш да не ја направиш истата грешка. Меѓутоа, настаните што ќе доведат до самиот прекршок повторно ќе се случуваат. Ако веќе го направиш прекршокот и ја направиш штетата, со тоа што, на пример, лице го изгуби животот, која е поентата да казнуваш отпосле кога веќе најголемата штета е направена?
Во јавноста често се споменува дека физичкото присуство на полицијата е незаменливо. Дали се согласувате?
Присуството на полицајците физички низ градовите ќе ги намали можностите за сторување на вакви прекршоци, под услов тоа да биде изведено коректно од нивна страна. Тоа подразбира поставување на превенцијата да биде добро изведено, да не се оди во крајности, а да се превенира со физичко присуство на полицијата.
Кој е најранлив во сообраќајот и дали системот доволно ги штити тие групи?
Ранлива група во сообраќајот се сите. Ако се пешаци, не треба да значи дека смеат да се движат каде што ќе им текне. Ако се деца, треба со нив да има тутори. Сето тоа е покриено со закон, меѓутоа како законодавецот ќе го покрие тоа со овој систем е сосема друга работа.
Многумина стравуваат дека системот ќе стане само уште еден извор за полнење на буџетот, наместо алатка за безбедност. Каков е вашиот став?
Кога станува збор за казна, односно за собирање на пари од граѓаните, тоа ќе биде одработено без проблем. Тоа не е ништо ново кај нас. Јас, во суштина, сум убеден дека власта не сака да си ги реши главните проблеми. Едноставно, во случајов некој си бара начин да дојде до прибирање на средства, а не до нешто превентивно. Кај луѓето со помали примања ова може да влијае, бидејќи потешко ќе ги плаќаат казните па од тука ќе внимаваат да не направат прекршок. Но тие што ќе отидат во друга крајност – за нив тоа нема да биде проблем.
Што би требало да биде приоритет за да се подобри безбедноста?
Повеќе треба да се влијае на разумот на луѓето, на начинот како да се премине на превентивен модел, а не казнувањето да биде приоритет.
Кристијан Трајчов









