Ал Џезира Медиа го назначи новинарот Џамал Елшајал за директор на дигитална содржина, како дел од поширокото реструктуирање на дигиталниот оддел на мрежата, објавија катарските медиуми.
Според истите извори, еден од неговите рани проекти би можел да вклучува повторно лансирање на услугата „Ал Џезира Балканс“ преку дигитални платформи, со амбициозно меѓународно проиширување насочена кон нова публика во региони како што се Кина, Индонезија и Русија.
Елшајал, поранешен виш дописник и презентер на Ал Џезира на англиски јазик, беше дел од тимот што го лансираше каналот во 2006 година.
Ориентација кон помлад раководен кадар
Овој потег доаѓа во време на големи промени во менаџментот и раководството на Ал Џезира, откако шеикот Насер Бин Фајсал Ал Тани беше назначен за извршен директор во септември.
Промените сигнализираат префрлање кон помлад менаџерски тим и нов фокус на проширување на глобалниот дигитален дострел на катарската медиумска куќа.
Извори од Ал Џезира за „Доха њуз“ изјавија дека Елшајал ќе го надгледува проширувањето и модернизацијата на дигиталните платформи на англиски јазик, како и ќе ги предводи напорите за зајакнување на присуството на Ал Џезира на повеќе јазици и пазари.
Со текот на годините, тој известувал за големи светски настани, вклучувајќи го израелскиот напад врз „Мави Мармара“ во 2010 година и востанијата од Арапската пролет во 2011 година, и стекнал репутација како еден од најдоверливите новинари на екранот во мрежата.
Неговото назначување ја одразува довербата на менаџментот во успехот на Елшајал, особено по успешното лансирање и водење на „Ал Џезира 360“, дигиталната платформа за стриминг на мрежата која брзо стекна популарност меѓу помладата публика.
Ал Џезира Балканс се затвори по 14 години работа
Ве потсетуваме дека по 14 години работење, регионалната телевизија Ал Џезира Балканс престана да емитува програма. Сигналот беше исклучен точно на полноќ на 1 август годинава.
„ По 14 години одговорно новинарство, ви благодариме за довербата“, беше пораката на екранот испратена од оваа служба.
Последните вести од сараевското студио беа емитувани на 12 јули напладне, кога водителот емотивно го потврди крајот на телевизиската програма.
„Драги гледачи, ова беше последната вест од Ал Џезира Балканс. Ви благодариме за речиси 14 години доверба. Ние, целиот тим на Ал Џезира Балканс, сме горди на секој од 4.970-те дена што ги поминавме служејќи ви“, рече тогаш водителката Далија Хасанбеговиќ.










