Интересен момент беше забележан на камера кратко по средбата на севернокорејскиот претседател Ким Џонг Ун со Владимир Путин, која се одржа на маргините на прославите во Пекинг по повод годишнината од капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна.
Задоволни беа лицата на двајцата лидери по заедничката средба. Кратко потоа, персоналот на севернокорејскиот лидер влезе во собата и темелно го исчисти целиот мебел што го допре Ким Џонг Ун, а ги отстранија и стаклените чаши. Очигледно, работниците сакале да елиминираат каква било трага од ДНК-та на нивниот лидер.
Видео објавено на Телеграм покажува како работник го полира столчето на Ким, внимавајќи да ги исчисти и дрвените рачки на столот и масата до него. Во исто време, друг работник ја зема чашата, која се наоѓала на послужавник.
„По преговорите, персоналот што го придружуваше севернокорејскиот лидер внимателно ги уништи сите траги од присуството на Ким“, објави рускиот новинар Александар Јунасев на својот канал, додавајќи: „Тие ја зедоа чашата од која пиеше, го избришаа материјалот од столот и целиот мебел што го допре“.
Сепак, Путин и Ким ја напуштија канцеларијата видливо задоволни и отидоа да пијат чај.
Останува непознато дали Ким Џонг Ун го наредил чистењето бидејќи се плаши од руското или кинеското разузнавање.
Сепак, тој не е единствениот лидер кој е загрижен за заштитата на својата ДНК. Како што објавува „Дејли меил“, телохранителите на Путин ја собираат неговата урина и измет во запечатени кеси кога патува во странство и ги транспортираат во Москва во специјални куфери. Оваа практика е воведена од 2017 година, со цел да се спречи собирање информации за неговото здравје преку неговите телесни течности.
Комплименти од двајцата лидери
Според Јужна Кореја, Ким испратил околу 15.000 војници да се борат за Русија, а жртвите се проценуваат на помеѓу 600 и 2.000.
По големата парада, Ким и Путин се качија во истиот автомобил и беа однесени во официјален пансион на приватни билатерални разговори.
„Ако има нешто што можам или треба да направам за вас и рускиот народ, го сметам за моја должност како братска обврска“, му рече Ким на Путин.
Путин, пак, му се обрати со „Почитуван претседателе на Комисијата за државни работи“ и му ги изрази своите најдобри желби.
Путин дури рече дека односите меѓу двете земји добиле посебен, пријателски и сојузнички карактер и ги пофали севернокорејските специјални сили, кои, како што рече, се бореле „храбро и херојски“.
Посетата на Пекинг, првото познато патување на Ким во Кина по пандемијата, му даде прва можност да се сретне и со Си и со Путин, како и со повеќе од 20 други лидери. Аналитичарите велат дека учеството на Ким на настанот го зајакнува неговиот имиџ како лидер на нуклеарна сила поддржана од моќни сојузници.







