Италија има богата медиумска традиција и динамична новинарска сцена, во која локалните медиуми играат клучна улога во известувањето за заедниците. Во земја со силна регионална структура и социјална разноликост, новинарството често се соочува со предизвици поврзани со дигитализацијата, довербата во медиумите и односот со локалната политика.
Во рамки на студиски престој во Виченца, Италија, имавме можност да разговараме со Џиан Марко Манкасола, директор на ТВА Виченца – регионална телевизија со долгогодишна традиција и голема гледаност. Во интервјуто тој ги сподели своите ставови за предизвиците на локалните медиуми, влијанието на политиката, иднината на новинарството и улогата на вештачката интелигенција.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате како локална телевизија?
Главниот предизвик со кој се соочуваме секој ден е да имаме квалитетни вести – да ги раскажеме настаните, но и промените што се случуваат во една голема земја како Италија.
Какви се условите за работа во Виченца и Венето во споредба со останатите делови од Италија?
Условите во кои работат новинарите во Венето и Виченца се на високо ниво на квалитет. Постојат важни гаранции – и од економска гледна точка и во однос на алатките што им се ставаат на располагање. Често овие услови се подобри од оние во други делови на светот.
Како влијаат локалната политика и бизнисите врз медиумското известување?
Нема протоколарни влијанија. Може да има притисоци за да се добие видливост или да се намали влијанието на вестите, но за среќа, локалните медиуми се слободни и немаат ограничувања во одлуката кои вести ќе ѝ се пренесат на јавноста.
Како ја гледате иднината на новинарството?
Иднината на новинарството е сложена, затоа што живееме во дигитална ера – ера во која публиката мисли дека информацијата е бесплатна. Но, квалитетна информација има своја цена за да се произведе. Верувам дека со тек на време јавноста ќе сфати дека квалитетната информација не е бесплатна и дека за нејзино производство се потребни ангажман и ресурси.
Каков тип на медиуми има повеќе во Виченца?
Најмногу доминира телевизијата, но мора да се напомене и дека тука постојат и многу важни дневни весници, додека некои информативни интернет-страници имаат помало значење за јавноста.
Каква е поврзаноста на ЕУ со медиумите во Италија?
Односите со Европската Унија и Италија се посредувани од националната и регионалната влада. Затоа јавноста има перцепција дека политичарите и италијанските институции се многу важни, дури повеќе отколку европските. Секако, тоа се зема предвид и во медиумите.
Според вас, каква улога има вештачката интелигенција во новинарството?
Со својата компетентност, професионалност, креативност, фантазија, но и со својата човечност, новинарот може да ја надмине машината. Тоа е веројатно еден вид „брзинец“ – нешто што може да го убрза процесот, но не и да ја замени човечката суштина на новинарството.
Автор: Кристијан Трајчов
Овој новинарски материјал е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ.
Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.









