Издавање на монета од две евра со кирилични букви и натпис „Бугарска азбука“ од страна на Народната банка на Бугарија најавено за средината на годинава, засега е стопирано. На издавањето на монетата, која ќе биде во тираж од еден милион парчиња, се противи земја членка на ЕУ. Која, засега не се соопштува, додека најчесто се посочува кон Словачка. Имено, Словачка веќе издаде свои евромонети со ликови од Светите Кирил и Методиј.
Во информативната белешка од Советот на ЕУ од 29 мај се наведува дека, во согласност со регулативата, Бугарија официјално ги известила другите членки за спецификациите на монетата на 20 мај. Земја чие име е прецртано во документот, поднесе приговор на крајот од седумдневниот рок на 27 мај. Земјата испраќач експлицитно го забранила тоа „за да не се загрози исклучително деликатниот процес на донесување одлуки“.
Случајот со бугарската комеморативна монета од 2 евра доби нова димензија откако стана јасно дека други земји во еврозоната веќе издале монети поврзани со делото на светите браќа Кирил и Методиј и словенското писмо.
Во 2018 година, Словачка издаде сребрена комеморативна монета од 10 евра по повод 1.150-годишнината од признавањето на словенскиот литургиски јазик од страна на папата Адријан II. Во официјалниот опис на словачката Централна банка се наведува дека одобрувањето на словенските литургиски текстови во 868 година претставувало највисоко признание што делото на Кирил и Методиј можело да го добие во христијанска Европа во тоа време.
На предната страна на монетата се прикажани симболи на раното христијанство и букви од глаголското писмо, додека на задната страна се прикажани Кирил и Методиј под крст, опкружени со глаголски знаци и натпис „Признавање на словенскиот литургиски јазик“.
Претходно, во 2013 година, Словачка издаде и комеморативна монета од 2 евра по повод 1150-годишнината од мисијата на Кирил и Методиј во Велика Моравија. На националната страна од монетата се прикажани двајцата браќа со христијански симболи, а изданието беше одобрено и пуштено во оптек во еврозоната.
Други земји од еврозоната, вклучувајќи ги Хрватска и Грција, исто така се споменуваат на онлајн форумите, но Словачка останува главен „осомничен “.
Оваа година за одбележувањето на Светите Кирил и Методиј родени во Македонија, Бугарија особено се потруди да го покаже значењето за земјата и припадноста на двајцата браќа чија дејност ги опфати словенските народи и остави трајно културно и духовно наследство.







