Доаѓањето на балканската ѕвезда Дино Мерлин во Штип на Пастрмалијадата во сабота, 20 септември, покрај големиот интерес предизвика и повеќе дезинформации. Разбирливо, со оглед на тоа дека настанот годинава се одржува во време на неофицијална политичка кампања за Локалните избори на 19 октомври, па општинска власт се обидува да организира успешен настан, кој ќе ѝ донесе гласови кај граѓаните, додека опозицијата се обидува да ги пронајде сите недоследности во таа организација.
По вчерашната прес конференција за Пастрмалијадата на која беа објавени организациски детали и други практични информации, веќе попладнето излезе информација по социјалните мрежи дека ќе се наплаќа влез од 200 денари, додека главната ѕвезда Дино Мерлин побарал да се исклучи осветлувањето на крстот на Исарот за време додека тој ќе настапи. Крстот во целата големина се гледа од Градскиот стадион, каде ќе се одржуваат концертите.
Од општината рекоа дека се ова дезинформации
-И во текот на вчерашниот прес во повеќе наврати беше кажано дека е бесплатен влезот на стадионот, а бесплатен ќе биде и превозот за гостите со општинските автобуси од местата определени за паркинг простор, информираа од Општина Штип.
ЈП „Стипион“, кое ја има дејноста за јавниот превоз, претпладнето ги објави локациите и термините за поаѓање на автобусите, кои како што е најавено, ќе кружат до подалечните населби кон четирите влезови на градот, каде ќе се упатуваат возилата од страна.
Општината објави локации за паркинг, каде редари ќе ги упатуваат возилата кои влегуваат во Штип.

За потребите на манифестацијата, сосема е отстранет високиот ѕид на двете страни од главниот влез во стадионот. Претпладнето таму се уредуваше просторот по тргањето на ѕидот, а течеа и другите подготвителни работи, меѓу другото и поставувањето на сцената, која се наоѓа од спротива на отворениот влез.

Дино Мерлин со хонорар од 80.000 – 100.000 евра
Гостувањето на Дино Мерлин е во соработка со Пасворд продукција, со која општината веќе има искуство во организирањето на првото издание на „Д фестивал“ во Штип, исто така на Градскиот стадион. Нема многу детали околу доаѓањето на ѕвездата, освен дека Дино Мерлин одбрал да престојува во Штип, а не во Скопје по завршувањето на настапот. Оние коишто работеле со него, велат дека е човек кој има скромни барања.
Што се однесува до чинењето на целата манифестација, градоначалникот Иван Јорданов рече дека како и изминатите години за Пастрмалијадата општината издвојува по 4,5 милиони денари, додека останато е обврска на спонзорите.
Колку пари даваат спонзорите, е податок кој засега останува непознат за јавноста. Од организаторите дознавме дека Скопска пивара традиционално и оваа година е генерален спонзор, што значи издвојува најмногу спонзорски средства. Како што ни кажа Горан Арсовски, еден од организаторите, има и други 42 спонзори, но како што рече, за износите е задолжена општината.
До 5000 евра за штанд
Плаќаат и угостителите кои ќе постават штандови на тревникот во стадионот. Ќе има 20 такви штандови, кои како што дознаваме од угостителите плаќаат меѓу 2000 и 5000 евра во зависност од позицијата. Други 8 штанда по 4 од двете страни на бината ќе имаат ВИП третман. Нивните гости ќе имаат нараквици со кои ќе се движат. Угостителите со потпишаниот договор ќе може да набавуваат пијалаци само од две фирми – Скопска пивара за пиво и безалкохолни пијалаци, додека од „Саманта“ за жестоки пијалаци.

Што се однесува до изведувачите, за нивните хонорари нема информација. Не е познато за колку ќе пее Дино Мерлин во Штип, една од најскапите балкански ѕвезди, чиј хонорар по концерт неофицијално се движи меѓу 80.000 и 100.000 евра.







