Нетанјаху го нарече Ердоган „антисемитски диктатор“

Фото: МИА

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро му возврати на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, откако турскиот лидер ги осуди израелските воени активности во регионот и оцени дека тие претставуваат закана и за Турција.

Во својата реакција, Нетанјаху го нарече Ердоган „антисемитски диктатор“ и го обвини за „геноцид врз Курдите“, поддршка на палестинското движење Хамас, репресија врз сопствениот народ и затворање на политички противници. Според израелскиот премиер, турскиот претседател е „последниот човек кој може да ѝ држи лекции по морал на Израел“.

Размената на остри зборови следува откако Ердоган изјави дека израелските напади во Сирија и Либан достигнале ниво што претставува закана и за турската безбедност. Тој оцени дека израелската „агресија“ претставува опасност за целиот свет и повика меѓународната заедница да преземе поодлучни чекори против Израел.

Нетанјаху, пак, порача дека Израел и Израелските одбранбени сили ќе продолжат „со сила да дејствуваат против Иран и неговите сојузници“, кои според него претставуваат закана за Блискиот Исток и за светот.

Односите меѓу Израел и Турција во последните години се обележани со чести дипломатски судири и меѓусебни обвинувања, особено поради конфликтот во Газа и пошироките безбедносни прашања на Блискиот Исток. Последната вербална пресметка дополнително ги продлабочува тензиите меѓу двајцата лидери во период на засилена нестабилност во регионот.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ