Одбраната на екс градоначалниците Папазов и Илијев тврди дека немале никаква надлежност и одговорност за Пулс

На денешното рочиште за случајот поврзан со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, одбраната на обвинетите градоначалници истакна дека постапката се води врз основа на нецелосна истрага и без обезбедени факти кои директно ги поврзуваат со катастрофата. Бранителите на Николчо Илијев и Љупчо Папазов нагласија дека нивните клиенти постапувале согласно закон и прописи, дека одговорноста за надзор и регулатива е во надлежност на стручните служби, и дека неправедна осуда би претставувала „втора трагедија“. 

Бранителот на единаесеттообвинетиот Николчо Илијев (градоначалник од 2017 до 2021 година), адвокатот Синиша Станковиќ, во воведен говор рече дека смета оти од непознати причини е спроведена нецелосна истрага и не е обезбеден ниту еден факт против Николчо Илијев.

-Постапката се води три и пол години по престанок на неговиот мандат. Никој и никогаш не го известил за кабарето или пак имал контакт со сопственикот. Советот на Општина Кочани никогаш не е известен за измена на Деталниот урбанистички план за предметниот објект. Никаков контакти за предметниот објект немал ниту додека бил, ниту откако му престанал мандатот, изјави Станковиќ.

Се ова, посочи Станковиќ, ќе биде докажано на расправата и обвинетиот ќе докаже дека во времето додека бил градоначалник постапувал согласно закон и прописи.

-Обвинетиот Николчо Илијев не повредил ниту една императивна норма во вршење на функцијата градоначалник и не ја злоупотребил во ниту една форма својата позиција. Ваквите факти исклучуваат секаква можност за било какво соизвршителство во било кој правец и временски период. На 16 март Николчо Илијев загуби роднини и пријатели и уште еднаш изразува сочувство на семејствата на жртвите и побрзо закрепнување на повредените. Затоа одбраната бара Обвинителството да го повлече обвинението против Николчо Илијев, изјави Станковиќ.

На денешното рочиште за случајот во кој е обвинет и поранешниот градоначалник Љупчо Папазов (на функција од 2021-2024), неговиот адвокат Мите Левков изрази сочувство за жртвите и нагласи дека процесот е обележан со немерлива трагедија, но и дека мора да се почитува пресумпцијата на невиност.

Левков истакна дека правдата за жртвите не значи само осуда, туку вистинска и правична постапка, а неправедно осуден невин човек би претставувал „втора трагедија“. Тој посочи дека пропустите во случајот се резултат на институционални слабости и дека законот бара утврдување на индивидуална вина.

Според одбраната, Папазов не презел никакви директни дејствија што довеле до пожарот, а одговорноста за инспекциските надзори и законската регулатива е делегирана на стручните служби и инспекторати.

-Непостапувањето на господинот Папазов како градоначалник не претставува никаква, а најмалку примарна и директна причина за настанатата катастрофа. Градоначалникот не поседува знаење ниту овластување ад хок да утврдува недостатоци во објектот, туку е зависен од информациите и извештаите на стручните служби. Тој не е градежен, пазарен или инспектор за противпожарна заштита, рече тој.

Обвинетиот Љупчо Папазов изјави дека на критичниот ден ја мобилизирал општинската администрација и себе и да се стави на располагање на надлежните служби, а од човечки аспект поднел оставка од морални причини. Тој додаде дека во судницата ќе бидат изнесени аргументи и факти кои ќе бидат патоказ кон утврдување на вистината.

-Сакам, придружувајќи се кон воведниот говор на мојот бранител, сакам да констатирам дека во оваа судница ќе бидат изнесени многу аргументи и факти кои можеби нема да му се допаднат некому но ќе бидат првиот чекор или првиот патоказ дека сте на вистинскиот пат кон утврдување на вистината, рече тој.

Претходно, одбраната на поранешниот градоначалник на Општина Кочани, Ратко Димитровски, на денешното судење за случајот „Пулс“ истакна дека обвинението претставува преседан во правната практика, особено во делот на утврдување на причинско-последична врска. Според нив, Димитровски не само што немал намера или умисла, туку бил единствен кој реагирал и поднел барање за неиздавање дозвола за работа на дискотека или кабаре уште пред објектот да започне со работа.

Димитровски, Илијев и Папазов, се обвинети дека свесно и континуирано не постапувале согласно законските прописи за заштита, урбанистичко планирање и инспекциски надзор. Иако знаеле дека објектот Кабаре Клуб Пулс е небезбеден и не исполнува законски услови за угостителска дејност, не презеле мерки за утврдување неправилности, санкционирање или затворање на објектот.

Според обвинителниот акт, тие не наредиле инспекциски надзор, не изготвиле програми и планови за работа на инспекторите, ниту ги известиле надлежните институции за незаконитото работење на објектот. Објектот немал одобрение за реконструкција, пренамена или употреба, ниту функционален паркинг, што создавало ризик за живот и здравје на посетителите и го попречувало пристапот на противпожарни возила.

Па така, со непостапување според Законот за локална самоуправа, Законот за градење, Законот за инспекциски надзор, Законот за заштита и спасување и Законот за угостителска дејност, овозможиле на обвинетите Дејан Јованов и Гроздан Милковски незаконито да вршат угостителска дејност и да плаќаат надоместок, иако објектот фактички работел како диско клуб, а не како кабаре. Според обвинението, обвинетите биле свесни за можните штетни последици, но се согласиле со нивното настапување.

Судењето продолжи со воведни зборови на Јане Јанчевски, директор на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март годинава, загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. 

Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска и се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите, обвинителството, одбраната и бројни новинари. 

На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.

ОБВИНЕНИЕ

Ратко Димитровски (69) обвинителството во актот го товари за спротивното – пасивност и „Тешки дела против општата сигурност“. Според обвинението:

  1. Како градоначалник (2009-2017), тој знаел дека објектот е во зона за „лесна индустрија“, а не за угостителство/дискотека, што е спротивно на ДУП-от.
  2. И покрај тоа што знаел дека објектот е безбедносно опасен, не презел никакви службени дејствија за санкционирање и затворање на „Пулс“.
  3. Не им наредил на инспекторите да спроведат надзор и не ги известил ДЗС и МВР дека објектот работи незаконски .
  4. Овозможил Општината да наплаќа такса од 4.000 евра за вршење дејност, иако објектот немал дозвола за тоа.

Љупчо Папазов (49) се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.

Обвинението го опфаќа неговиот мандат од ноември 2021 година до трагедијата, иако тој на функција беше најкратко од тројцата обвинети градоначалници.

  1. Непостапување: Како градоначалник, не презел дејствија за санкционирање и затворање на „Пулс“ иако знаел дека објектот е опасен и работи спротивно на Деталниот урбанистички план (ДУП).
  2. Пропуст за заштита: Не наредил инспекција за да се утврди дали се спроведуваат основните заштитни мерки против пожар.
  3. Финансиска корист: Дозволил Општината да собира приходи од „Пулс“ и покрај нелегалната пренамена и недостатокот на безбедносни услови.

Николчо Илијев (67), градоначалник во периодот од 25.10.2017 до 08.11.2021 година, се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Иако одбраната тврди дека „не знаел“, Обвинителството го товари за следново:

  1. Игнорирање на ДУП-от: Знаел дека објектот е во индустриска зона, а не угостителска, но не презел дејствија за санкционирање.
  2. Неспроведување инспекции: Не им наредил на инспекторите да спроведат надзор, ниту изготвил планови за инспекција засновани на ризик .
  3. Финансиска корист за општината: Овозможил наплаќање на такси за вршење дејност „кабаре“ (4.000 евра), иако објектот немал услови за тоа, прифаќајќи ги приходите во буџетот.
  4. Неизвестување: Не ги алармирал другите надлежни институции (ДЗС, МВР) за опасноста.

Најновите информации за судењето во Пулс можете да ги следите овде.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ