Низ центрот на Белград Конзервативното движење „НАШИ“ постави постери по повод роденденот на претседателот на Демократска Народна Република Кореја, Ким Џонг Ун. На постерите е прикажана сликата на претседателот Ким Џонг Ун и натписот: „Среќен роденден, брате Ким, Србите те сакаат.“
„Со оваа акција, Конзервативното движење „НАШИ“ испраќа јасна и недвосмислена политичка порака против политиката на глобална доминација што ја спроведуваат Соединетите Американски Држави, преку воени интервенции, економски санкции, медиумски кампањи и политички притисок врз суверените држави. Претседателот Ким Џонг Ун е симбол на отпор кон таквата политика и пример за државник кој, и покрај огромниот надворешен притисок, доследно го брани суверенитетот, независноста и правото на својот народ самостојно да одлучува за својата иднина. Неговото лидерство покажува дека дури и најмоќните сили во светот не можат да скршат народ и држава кои се обединети и решени да ја зачуваат својата слобода“, соопшти движењето.
Движењето со ова, како што напиша, „ја изразува својата поддршка за ДНР Кореја и нејзиниот претседател Ким Џонг Ун, како и за сите народи кои се спротивставуваат на империјализмот, уцените и обидите за наметнување на туѓа волја“.
Конзервативното движење „НАШИ“ е една од најдолготрајните крајно десничарски организации во Србија, која работи близу 20 години години, па дури и преживеа предлог за нејзино законско распуштање. Како што пишува Балкан Инсајт, една од главните политички цели на движењето е, според нив, да „воскресне“ српска национална држава, која би вклучувала територии за кои велат дека биле окупирани од други земји во 1990-тите. Ова првенствено се однесува на Косово, како и на Република Српска, делот од Босна и Херцеговина во кој доминираат Србите. Во една од акциите на „НАШИ“, тие печатеа и дистрибуираа постери со кои го обвинуваа меѓународниот висок претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, дека е „окупатор“. Лани во февруари, на годишнината од почетокот на војната во Украина, Движењето организираше пловење со брод, „симболично демонстрирајќи ја братската солидарност со рускиот претседател Владимир Путин и единството на српскиот и рускиот народ“.
Во 2021 година, организацијата беше ставена на црната листа на Фејсбук, која ги забранува од платформата на социјалните медиуми оние што ги смета за десничарски екстремистички или терористички организации и поединци.










