По настанатата ситуација со писмените известувања од УЈП до студентите кои биле дел од програмата Work & Travel, Студентското собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ известува дека е постигнат договор со УЈП, да нема ретроактивно оданочување:
„Што направивме – УСС УКИМ имаше средба со УЈП, на која се изборивме да нема ретроактивно оданочување за годините 2021, 2022, 2023 и 2024. Обврските важат за 2025. Ќе има обуки организирани од УЈП за да не се повтори ситуацијата. Студенти ќе учествуваат во носење на нов закон. А договорено е и плаќање на рати на данокот што треба да се плати за 2025 година“ – велат од УСС УКИМ.

Од студентското собрание велат дека ова не е конечното решение, туку почеток на еден подолг процес во кој треба да се дојде до конечно и трајно решавање на оданочувањето на студентите:
„Ова не е затворање на прашањето, туку почеток на негово решавање. Постојната ситуација е резултат на закон кој не ги препознава специфичностите на студентите. Затоа, наместо краткорочни реакции, влегуваме во процес на негова промена. Нашата улога не е да создадеме дополнителна тензија, туку да обезбедиме резултат. И тоа веќе го правиме. Ги повикуваме сите студенти со конкретни прашања или случаи да се обратат. Нема да дозволиме ова прашање да се решава на штета на студентите.“ – велат од УСС УКИМ.

Претходно, на прашање на Канал 77, УЈП објасни дека не се работи за двојно оданочување, туку дека токму договорот меѓу Македонија и Германија го уредува плаќањето на данокот на овој начин:
„Доходот кој студентите-македонски даночни резиденти, го имаат остварено од времена/сезонска работа во Германија (плата остварена од странство), претставува доход кој подлежи на оданочување во Македонија.
На оданочување подлежи вкупниот доход, односно бруто платата остварена со работа во Германија што претставува остварената нето плата и данокот кој првично бил платен во Германија (задржан од страна на исплатувачот), а потоа вратен на студентот од страна на даночната администрација на Германија.
Владата на Република Македонија има склучено Договор со Владата на Сојузна Република Германија за одбегнување на двојното оданочување по однос на данокот од доход и данокот на капитал, објавена во “Сл.весник на РМ” број 86/06 со примена од 01.01.2011 година, во кој во чл. 15 е регулирано оданочувањето на доходот од работен однос (плати, надници и други слични примања) остварен од страна на резиденти на едната држава договорничка со работа на територијата на другата држава договорничка.“ – велат од УЈП.

За пријавување на доходот остварен со работа во Германија, студентите треба да поднесат електронска пресметка (е-ппд) преку системот е-даночни услуги, за што треба да имаат регистрирано свој профил:
„Пресметката се поднесува до 10-ти во месецот за доходот остварен во претходниот месец согласно одредбите од член 88 став 1 точка 4 од ЗДЛД.
Во пресметката износот на платата од странство се искажува како Вид на доход Т1. Доход од работа и Подвид на доход Ѕ1.2. – Плати остварени во странство, при што како држава во која е резидент исплатувачот се избира СР Германија. Задолжително кон пресметката се приложува доказ за остварениот доход од странство, како на пример пресметка-исплатно ливче од работодавачот/исплатувачот на платата во Германија. Во случај кога данокот е платен во Германија (кога не е направен проврат на данокот платен во Германија), покрај пресметката од работодавачот, задолжително се доставува и доказ за платениот данок издаден од даночната администрација на Германија.
По приемот на пресметката службено лице од УЈП ја разгледува истата и по нејзино одобрување се доделува Фолио број и се издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на данок на личен доход со статус „Одобрена” и налог за плаќање на данокот на личен доход (Образец ПП53). Пресметките во кои е евидентиран платен данок во странство, по разгледување на истите од страна на службено лица на УЈП, доколку постои основ за нивно прифаќање, ќе бидат прифатени/одобрени, при што ќе се генерира само рекапитулација со статус „Одобрена”, но нема да се креира налог за плаќање на данокот.
Согласно член 93 од ЗДЛД, aконтација на данокот на доход утврден во одобрените пресметки се плаќа најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец и за доходот остварен од странство.“ велат од УЈП.
Од Управата за јавни приходи информираат дека на интернет страната на УЈП постојано се објавуваат соопштенија со насоки за постапување во однос на оданочувањето на даходот од странство. На истата има објавено и одговори на најчесто поставуваните прашања поврзани со оваа проблематика.
(К.М.)







