Хаотична е употребата на електричните тротинети, децата ги полнат улиците, законот постои само на хартија

Иако електричните тротинети станаа дел од секојдневието на многу граѓани, особено на младите, нивната употреба сè почесто предизвикува загриженост. Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, децата под 14 години не смеат да управуваат електричен тротинет, но во пракса ова правило речиси секојдневно се прекршува.

На улиците низ градовите може да се забележат малолетници кои без заштитна опрема, па дури и по две лица на еден тротинет, се движат на недозволени места, без познавање на основните сообраќајни правила.

Законот предвидува ова возило да се управува на велосипедска патека или лента, а доколку истите ги нема, по пешачка патека. Возачите не смеат да се движат по велосипедска патека односно лента со брзина поголема од 25 километри на час, а на пешачка патека, не поголема од шест километри на час. Зависно од тоа кој законски пропис бил прекршен, предвидени се казни од 50, 80 или 120 евра.

Но, како што вели сообраќајниот инженер Роберт Рогожаров, иако прописите постојат, нивната примена е речиси непостоечка.

Во разговор за Канал77, Рогожаров објаснува дека е неопходно да се спроведат едукативни кампањи и строги казнени мерки, не само за возачите, туку и за родителите кои дозволуваат нивните малолетни деца да управуваат со овие возила.

Кои се моменталните законски правила за користење на електричните тротинети во Македонија?

  • Факт е дека се имаат донесено законски решенија за употреба на електричните тротинети. Истите треба да се движат на велосипедски патеки, а доколку ги нема, тогаш на тротоари. На патеките брзината е предвидена да не биде поголема од 25 километри на час, а на пешачките не повеќе од шест километри на час.

Сепак, сведоци сме дека овие возила често ги користат и многу помали деца?

  • Така е. На терен согледуваме дека деца многу помали од таа возраст ги користат тротинетите. Нивната примена е хаотична – влегуваат во едносмерни улици, се движат на места кои не се предвидени за нив и многу често не почитуваат никакви правила.

Што може да се направи за да се спречи тоа?

  • Потребно е да се преземат одредени мерки против родителите на децата. Законот предвидува и соодветни глоби за прекршоци кои би ги направиле нивните деца, но тие мора да се спроведуваат. Предвидено е и задолжително носење кацига и рефлектирачки елек, што е многу важно бидејќи се работи за помлади генерации и за нивната безбедност.

Во Европа веќе има примери каде што ваквите возила се ограничуваат. Може ли Македонија да тргне по тој пат?

  • Во Париз, на пример, беа отстранети 15.000 електрични тротинети токму поради фактот што истите лошо се применуваат. Прашање е кога и другите европски градови ќе тргнат по истиот пат, бидејќи единствено за нив не постои јасен меѓународен став за употреба на електричните тротинети.

Како гледате на иднината на нивната употреба кај нас?

  • Не е доволно само да се донесат законски решенија – треба да зборуваме и за нивната примена. Треба постојано да се апелира до родителите да не дозволуваат употреба на овие возила од страна на помалите генерации, бидејќи еден ден можат горко да зажалат.

Што е најважно за да се подобри состојбата?

  • Сметам дека најпрво треба да се настапи едукативно. Законите мора да се почитуваат за да не дојде до било какви незгоди при управување на овие возила. Но, мора да се применуваат и казнените мерки. Знам дека непопуларна мерка е казната, но во крајна линија, оние кои го прекршиле законот треба да бидат санкционирани.

Кристијан Трајчов

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА