Целосниот текст од Меморандумот меѓу Иран и САД

Фото: МИА

Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран содржи 14 точки, кои треба да послужат како основа за постигнување конечен мировен договор во рок од 60 дена:

Првата точка предвидува итен и траен прекин на сите воени операции меѓу САД, Иран и нивните сојузници на сите фронтови, вклучително и во Либан. Во документот се наведува дека ниту една страна нема да презема воени дејствија ниту да упатува закани кон другата, а ќе бидат почитувани суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан. Сепак, останува нејасно како на оваа одредба ќе реагира Израел, особено во контекст на операциите против Хезболах.

Втората точка се однесува на заемно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на двете држави, како и на обврската за немешање во внатрешните работи. Аналитичарите оценуваат дека оваа одредба би можела да предизвика критики од иранските опозициски и дисидентски групи.

Според третата точка, Вашингтон и Техеран се обврзуваат во рок од најмногу 60 дена да постигнат конечен мировен договор, со можност рокот да биде продолжен со заемна согласност.

Четвртата точка предвидува постепено укинување на американската поморска блокада и отстранување на сите ограничувања за иранските пристаништа. Процесот треба да заврши во рок од 30 дена, а по потпишувањето на конечниот договор САД ќе ги повлечат силите распоредени во близина на Иран.

Во петтата точка се предвидува повторно отворање на Ормускиот Теснец. Иран се обврзува да обезбеди безбеден и бесплатен премин за трговските бродови, додека сообраќајот треба да биде обновен веднаш по отстранувањето на техничките и безбедносните пречки. Во иднина, Техеран треба да соработува со Оман и другите држави од Персискиот Залив за воспоставување поширок механизам за управување со теснецот.

Шестата точка предвидува подготовка на план за обнова и економски развој на Иран вреден најмалку 260 милијарди евра. Средствата треба да бидат обезбедени преку меѓународни и регионални партнери, а американски претставници нагласуваат дека САД немаат обврска директно да финансираат проекти во Иран.

Седмата точка се однесува на постепено укинување на економските санкции кон Иран, вклучително и оние воведени преку резолуции на Советот за безбедност на ОН и едностраните американски санкции. Точната временска рамка ќе биде договорена во текот на преговорите.

Во осмата точка Иран се обврзува дека нема да развива ниту да набавува нуклеарно оружје. Дополнително, двете страни ќе преговараат за начинот на управување со резервите на високо збогатен ураниум, кои ќе бидат ставени под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Точките девет и десет предвидуваат задржување на постојната состојба околу иранската нуклеарна програма додека траат разговорите. Во меѓувреме, САД нема да воведуваат нови санкции и ќе дозволат одредени извозни и финансиски активности.

Единаесеттата точка се однесува на ослободување на замрзнатите ирански средства. Дел од имотот ќе биде ставен на располагање веднаш по потпишувањето на меморандумот, а останатите средства ќе бидат ослободени доколку Иран ги исполни преземените обврски.

Последните три точки предвидуваат воспоставување механизам за следење на спроведувањето на договорот, почеток на преговорите за конечниот мировен договор и негово потврдување со обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ